Esin Eşkinat Sayılgan
05 Декември 2021•Ажурирај: 06 Декември 2021
ЊУЈОРК
Американскиот телевизиски канал „Си-ен-ен“ објави дека го отпуштил водителот Крис Куомо за кој е утврдено дека во текот на истражната постапка му помагал на својот брат и поранешен гувернер на Њујорк, Ендрју Куомо, кој е обвинет за сексуално вознемирување, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Си-ен-ен“, потсетувајќи дека Крис Куомо претходно бил суспендиран на неопределено време, објави дека водителот е отпуштен од работа по проценката што ја спровеле заедно со угледна адвокатска канцеларија.
Телевизискиот канал нагласи дека се појавиле и нови податоци, додавајќи дека иако Куомо е сменет, истрагата ќе продолжи.
Најмалку 12 жени го обвинија поранешниот гувернер на Њујорк, Ендрју Куомо, дека во различни периоди сексуално ги злоупотребувал.
Поранешниот гувернер Куомо ги отфрли обвинувањата, но беше принуден да поднесе оставка на должноста под притисок на својата партија на 10 август.
Во документите што њујоршкото Државно обвинителство ги објави минатиот месец, се наведува дека Крис Куомо ги користел сопствените извори кај медиумските работници со цел да собере информации за жените кои го обвинуваа Ендрју Куомо и им ги пренел на неговите советници.