Mohammad Sıo
24 Октомври 2025•Ажурирај: 26 Октомври 2025
РАМАЛА / ИСТАНБУЛ (АА) - Нелегалните израелски доселеници на окупираниот Западен Брег утринава запалија три палестински возила во градот Деир Дибван, во близина на Рамала, јавува Анадолу.
Палестинскиот локален жител Мухамад Самер изјави дека група нелегални доселеници влегле во градот пред зори и запалиле три возила.
Две возила целосно изгореле, а третото било делумно оштетено, изјави тој, додавајќи дека жителите ги избркале напаѓачите од подрачјето.
Според процените на набљудувачите, спроведувањето на неодамнешниот план за прекин на огнот во Газа е придружено со засилена израелска кампања против Палестинците на Западниот Брег, вклучително и игнорирање на нападите од страна на нелегалните доселеници и усвојување на закон за анексија на Западниот Брег на првото читање во израелскиот Парламент.
Според Комисијата за борба против колонизацијата и Sидот на раздвојување, нелегалните израелски доселеници извршиле 7.154 напади врз Палестинците и нивниот имот на окупираниот Западен Брег во текот на изминатите две години, при што загинале 34 Палестинци и присилно се раселени 33 бедуински заедници.
Локалните власти соопштија дека повеќе од 1.051 Палестинец се убиени на Западниот Брег, околу 10.300 се повредени и над 20.000 се приведени, меѓу кои 1.600 деца, од почетокот на војната во Газа пред две години.
Меѓународниот суд на правдата во јули минатата година ја прогласи израелската окупација на палестинската територија за нелегална и повика на евакуација на сите населби од Западниот Брег и Источен Ерусалим.