Анализа на вести, свет

„Контактот меѓу Хафтар и МОСАД не е изненадувачки“

Претседателот на Центарот за истражувања за Средниот Исток (ОРСАМ), проф. д-р Ахмет Ујсал, истакна дека информацијата која Јоси Мелман ја споделил на Твитер дека Хафтар има соработка со МОСАД, не е изненадувачка

Gülsüm İncekaya  | 17.08.2019 - Обновена : 19.08.2019
„Контактот меѓу Хафтар и МОСАД не е изненадувачки“

ИСТАНБУЛ (АА) - ЃУЛСУН ИНЏЕКАЈА -

Експертите велат дека Калифа Хафтар, кој отвори војна против легитимната Влада на национално единство (УМХ) во Либија, е поддржан од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Египет, Израел и некои земји од Западот, пред сѐ Франција, и тврдат дека овие сили бараат метод кој ќе им служи на нивните интереси, отколку на мирот и стабилноста во Либија.

По симнување од власт на 42-годишната администрација на Гадафи кој беше симнат од власт преку пучот поддржан од Соединетите Американски Држави (САД) и Западот под маската „Арапска пролет“, не запреа конфликтите, кртва и солзите. Се тврди дека генералот Калифа Хафтар, поддржан од меѓународните сили, има соработка со израелската тајна служба МОСАД.

Бројни дискусии беа предизвикани поради разузнавачкиот аналитичар на израелскиот весник „Маарив“, Јоси Мелман, кој на Твитер напиша дека либискиот генерал Калифа Хафтар е во соработка со израелската разузнавачка служба МОСАД.

Аналитичарите во разговор за Anadolu Agency (AA) говореа за изјавите на Јоси Мелман и Салих ал Нами. Експертите истакнаа дека оние кои наместо Владата на национално единство која е призната од страна на Обединетите нации (ОН), го поддржуваат Хафтар, не сакаат во регионот да се формира демократска и моќна земја.

Палестинскиот колумнист Салих ал Нами, изјавата на Јоси Мелман ја сподели на својот профил на Твитер, во која нагласи дека покрај МОСАД, Хафтар има поврзаност и со Франција, Египет и Обединетите Арапски Емирати.

- „И покрај надворешната поддршка која ја добива, Хафтар е целосно поразен“

Проф. д-р Енвер Арпа, директор на Институтот на истражувања за Истокот и Африка (ДОАФ), при Универзитетот за социјални науки во Анкара, рече дека во борбата за власт која се случува по симнување од власт на Гадафи во 2011 година, страните ги забрзаа нивните потраги по нови алијанси.

Арпа нагласи дека Хафтар, користејќи моќ против УМХ, сака да ја добие власта.

Според него, Хафтар, тврдејќи дека води борба против радикални сили во земјата, доби отворена поддршка од земјите како Египет, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, а доби и тајна поддршка од земји како Франција и Русија. Хафтар, и покрај оваа поддршка, не постигна успех во нападите кои ги изврши во земјата.

„Хафтар доби сериозен пораз. Со цел да го намали ефектот на овој пораз, го избра патот да ја обвини Турција која ја поддржува легитимната влада во оваа земја. Преку настаните кои се случија во последните месеци, Хафтар изгуби репутација, а со цел да закрепне од тоа, имаше потреба од нови алијанси“, рече тој, додавајќи дека во медиумите често се вели дека Хафтар добива сериозна поддршка од Франција.

- „Светските медиуми ја игнорираа врската меѓу Хафтар и МОСАД“

Арпа истакна дека е откриено дека покрај Франција и Русија, Хафтар има соработка и со израелската држава.

„Јоси Мелман, разузнавачки аналитичар на израелскиот весник „Маарив“, на 7 август 2019 година на Твитер соопшти дека Калифа Хафтар има соработка со МОСАД“, нагласи Арпа, истакнувајќи дека светските медиуми, вклучувајќи ги и Обединетите Арапски емирати, Египет и Саудиска Арабија, го игнорирале тоа.

Според него, за време на војната која ја водел Гадафи против Чад во периодот од 1978 до 1987 година, Хафтар бил задржан како заробеник, а потоа бил спасен со помош на американската војска и се засолнил во Америка, добивајќи политички азил. Тој нагласи дека Хафтар се обвинува дека има соработка со ЦИА, и дека за време на неговиот престој во Америка извршил различни активности против Гадафи.

- „Хафтар сега повеќе работи со Израел“

Претседателот на Центарот за истражувања за Средниот Исток (ОРСАМ), проф. д-р Ахмет Ујсал, истакна дека информацијата која Јоси Мелман ја споделил на Твитер дека Хафтар има соработка со МОСАД, не е изненадувачка.

Ујсал вели дека е нормално Израел да има удел во хаосот предизвикан на Средниот Исток.

„Израел не сака да се формира моќна земја во регионот. Западот не сака преку демократија моќта на народот во регионот да се одрази на власта. Израел дејствува во негово име, додека Обединетите Арапски Емирати, во име на Израел и Западот ги спроведуваат истите политики“, рече Ујсал, додавајќи дека зад поддржувачите на државните удари, како и зад оние кои ги поттикнуваат внатрешните конфликти, стојат Обединетите Арапски Емирати и Израел.

„Никој не бара одговорност од Обединетите Арапски Емирати и Израел за антидемократските практики и прекршувања кои ги вршат. Исто така, не се бара одговорност и од Хафтар кој е поддржан од овие земји, поради масакрите, атентатите и прекршувањата на човековите права кои ги извршил. Се разбира дека Хафтар, кој дејствува во координација со САД, сега повеќе работи со Израел, и дека САД се повлекле“, истакна Ујсал.

Од друга страна, д-р Емре Озан, професор на Универзитетот „Киркларели“, а воедно и советник за меѓународна безбедост во АНКАСАМ, рече дека последните случувања во Либија ја откриле главната контрадикција на Арапската пролет. „Откако Гадафи беше симнат од власт, Либија се претвори во неуспешна држава“, нагласи тој.

Во оваа насока, рече Озан, важна точка е кои актери во Либија соработуваат со кои меѓународни сили, и додаде: „Владата на национално единство е една легитимна влада која е призната од страна на меѓународната заедница, вклучувајќи ја и Турција.“

Озан нагласи дека интересен факт е тој што Хафтар пред операцијата која ја започнал за да ја преземе контролата врз Триполи, ги посетил Египет и Саудиска Арабија.

„Се знаеше дека покрај овие две земји, Хафтар е поддржуван и од страна на Обединетите Арапски Емирати. Ако ја земеме предвид соработката во која се вклучени Египет, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, не е изненадувачко откритието на Јоси Мелман дека Хафтар и МОСАД се во соработка“, рече тој.

- „Хафтар има потреба од легитимност“

Џерен Ѓурселер, советничка за меѓународно право и прашања за Африка во Центарот за стратешки истражувања во Анкара (АНКАСАМ), истакна дека од 2011 година досега продолжува военото ривалство меѓу различни елементи во Либија, и дека не е постигнато политичко усогласување, додека, според неа, продолжува ривалството во двете области.

Ѓурселер рече дека военото и политичкото ривалство за Триполи продолжува. „[Во зависност од тоа] кој ќе доминира во Триполи, ќе биде одлучувачко за тоа како ќе тече политичкиот и воениот процес“, истакна таа.

Според неа, Хафтар сака да ја преземе контролата врз Триполи, затоа има цел да добие легитимност.

- „На сцена излезе со поддршка на надворешните сили“

Ѓурселер истакна дека не е изненадувачка информацијата која ја сподели Јоси Мелман, кој нагласи дека Хафтар и МОСАД имаат соработка, и дека Хафтар во Либија на сцена излегол со интервенција и поддршка на надворешните сили.

Таа нагласи дека Хафтар добива политичка и воена поддршка од Египет, Обединетите Арапски Емирати, Русија и Франција.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın