свет

Европските земји ги осудија израелските мерки за проширување на контролата врз Западниот Брег

„Европската Унија ги осудува неодамнешните одлуки на израелскиот Кабинет за безбедност за проширување на израелската контрола врз Западниот Брег. Овој потег е уште еден чекор во погрешна насока...“

İlayda Çakırtekin  | 11.02.2026 - Обновена : 11.02.2026
 Европските земји ги осудија израелските мерки за проширување на контролата врз Западниот Брег

ИСТАНБУЛ (АА) - Европските земји ги осудија неодамнешните мерки усвоени од Израел со кои се продлабочува неговата контрола врз окупираниот Западен Брег, јавува Анадолу.

Европската Унија (ЕУ), заедно со Франција, Германија, Велика Британија, Шпанија и Белгија, го осуди одобрувањето од израелскиот Кабинет за безбедност во неделата на мерките насочени кон промена на правната и граѓанската рамка на територијата со цел зајакнување на израелската контрола.

Одлуките вклучуваат укинување на законот со кој се забранува продажба на земјиште на Западниот Брег на приватни израелски поединци, откривање на евиденцијата за сопственоста на земјиштето и пренесување на надлежноста за градежни дозволи во блокот населби во близина на Хеброн од Палестинската управа на цивилната администрација на Израел, според израелските медиуми.

„Европската Унија ги осудува неодамнешните одлуки на израелскиот Кабинет за безбедност за проширување на израелската контрола врз Западниот Брег. Овој потег е уште еден чекор во погрешна насока, додека целата меѓународна заедница вложува напори да ја спроведе втората фаза од сеопфатниот план за Газа“, изјави портпаролот Ануар ел-Ануни на пладневниот прес-брифинг на Европската комисија.

Портпаролката на германското Министерство за надворешни работи за Анадолу изјави дека одлуката „ги прекршува обврските на Израел во рамките на меѓународното право и претставува дополнителна пречка на патот кон дводржавно решение“.

„Велика Британија беше јасна: секој едностран обид за промена на географскиот или демографскиот состав на Палестина е целосно неприфатлив и би бил неконзистентен со меѓународното право. Го повикуваме Израел веднаш да ги поништи овие одлуки“, изјави портпаролот на Канцеларијата за надворешни работи, Комонвелт и развој.

Шпанското Министерство за надворешни работи, исто така, преку соопштение истакна дека со израелските одлуки се менува статус кво на Западниот Брег и го поткопуваат територијалното и политичкото единство на палестинската држава врз основа на границите од 1967 година, а наедно го повика Тел Авив да ги почитува своите обврски.

Француското Министерство за надворешни работи истакна дека „во време кога меѓународните напори се фокусирани на спроведување на втората фаза од мировниот план за Газа, овие одлуки ги поткопуваат тековните мировни напори и ризикуваат да поттикнат тензии“, нагласувајќи дека мерките претставуваат „сериозен удар врз решението за две држави“.

Швајцарското Министерство за надворешни работи преку платформата на американската компанија за социјални медиуми X порача дека остро ги осудува одобрените мерки, истакнувајќи дека израелските „активности за населување се нелегални според меѓународното право“.

„Ги осудувам неодамнешните израелски одлуки за проширување на контролата врз окупираниот Западен Брег“, изјави белгискиот министер за надворешни работи Максим Прево на X, додавајќи дека таквите мерки се „спротивни на меѓународното право, Резолуцијата 2334 на Советот за безбедност на ОН и советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата“.

Холандскиот министер за надворешни работи Дејвид ван Вил го повика Израел да не ги спроведува своите неодамнешни одлуки што „ги зголемуваат тензиите во момент на големи меѓународни напори за мир и стабилност во регионот“.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.