свет

„Геноцидот во Сребреница не смееше да се случи, слични страдања се повторуваат и во Газа“

Министерот за правда на Туркије, Јилмаз Тунч, рече дека геноцидот во Сребреница не смеел да се случи, но дека и денес се повторуваат слични страдања во Газа и рече дека Туркије прави сѐ за да ги спречи варварските израелски напади врз луѓето во Газа

Elvır Hodzıc  | 18.04.2024 - Обновена : 19.04.2024
„Геноцидот во Сребреница не смееше да се случи, слични страдања се повторуваат и во Газа“ Фото: Денис Зубери/АА

САРАЕВО (АА)

Министерот за правда на Република Туркије, Јилмаз Тунч, изјави дека геноцидот во Сребреница не смеел да се случи, но дека и денес се повторуваат слични страдања на луѓето во Газа и рече дека Туркије прави сѐ за да ги спречи варварските израелски напади врз луѓето во Појасот Газа, јавува Анадолу.

На Меѓународниот универзитет во Сараево (МУС) вчера започна тридневниот Меѓународен симпозиум „Борба против киберкриминалот“, кој беше организиран во соработка со Турската правосудна академија, Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), Центарот за обука на судии и обвинители на Федерацијата БиХ и Центарот за обука на судии и јавни обвинители на РС.

На симпозиумот присуствуваат најеминентни експерти од областа на борбата против киберкриминалот од Босна и Херцеговина, Туркије, Црна Гора, Хрватска и Србија и претставува исклучителна платформа за размена на искуства и идеи во оваа област.

Во рамките на симпозиумот во МУС денес го посетија и со пригодни говори се обратија министерот за правда на Република Туркије, Јилмаз Тунч, и министерот за правда на Босна и Херцеговина, Давор Буноза.

„Има градови во кои животот тече и каде и да погледнете мириса историјата. Сараево е еден од тие градови. Туркије има силни историски, културни и социјални врски со Босна и Херцеговина што датираат далеку во минатото. Овие врски се засноваат врз цврсто пријателство и братски односи што постоеја меѓу Турците и Босанците и Херцеговина уште од османлискиот период“, рече Тунч.

Истакнувајќи дека мултиетничноста и толеранцијата биле зачувани во Босна и Херцеговина низ вековите, Тунч рече дека е многу важно да се негува почит кон етничкото потекло, верската или друга припадност и додаде дека во Сараево се чувствува како дома бидејќи е горд што ги гледа трагите на своите предци.


- Важноста на меѓународното право и соработката

Укажувајќи на важноста на темата на симпозиумот, борбата против киберкриминалот, турскиот министер за правда Тунч ја коментираше и важноста на меѓународното право и соработка.

„Како важен пример во овој контекст може да ги наведеме страдањата за време на војната во Босна и Херцеговина пред 30 години и неспособноста на меѓународната заедница да ги спречи. Поради ненавремено дејствување на меѓународната заедница се случи геноцидот во Сребреница, кој е евидентиран и со одлуките на Меѓународниот суд. На поединци им беше судено пред меѓународни и домашни судови за воени злосторства, но страдањата никогаш не смееја да се случат“, рече Тунч.

Укажувајќи на актуелното страдање на невините цивили во Појасот Газа, Тунч рече дека слични страдања се повторуваат во таа енклава и дека и овој пат не се спроведуваат одлуките на Меѓународниот суд.

„Советот за безбедност на Обединетите нации остана целосно нефункционален во овој процес. Иако резолуцијата усвоена од Генералното собрание на Обединетите нации ја изрази заедничката совест на човештвото, за жал, таа не можеше да даде ефикасен резултат во спречувањето на хуманитарната трагедија во Газа. Би сакал да ја искористам оваа пригода да кажам дека, како Туркије, не сакаме ниту едно општество, без разлика каде е во светот, да се соочи со геноцид каков што се случува денес во Газа. Уште еднаш го повторувам повикот да се запрат нападите врз луѓето во Газа и хуманитарните организации колку што е можно поскоро, да се обезбеди сеопфатна хуманитарна помош за регионот и да се поддржат нашите напори за траен мир“, рече Тунч.

Истакнувајќи дека израелските напади мора веднаш да се прекинат и дека решението за две држави мора да се спроведе колку што е можно поскоро, Тунч рече дека Туркије ќе продолжи да подава рака на помош и да застане на страната на палестинските браќа.

Тој, исто така, рече дека Туркије и нејзиниот претседател Реџеп Таип Ердоган се залагаат за реформи во меѓународниот систем, пред сѐ, на Обединетите нации, со цел да се изгради систем што ќе биде ефикасен во решавањето на кризите.

„За нас кршењето на човековите права е злосторство против целото човештво. Сакаме да изградиме свет полн со мир и спокојство учејќи од историјата и не заборавајќи што се случило во минатото. Веруваме дека тоа е можно“, изјави Тунч.


- Технолошкиот развој донесе погодности, но и нови видови криминал

Наведувајќи дека развојот во областа на информатиката и технологијата донел погодности и предности во нашите животи во многу области, Тунч рече дека дошло до зголемување на кривичните дела извршени во виртуелната средина, што е сосема нов вид криминал.

„Борбата против кривичните дела извршени во виртуелниот свет, каде што не постојат географски и политички граници меѓу државите, е важна за секоја земја. Стана возможно да се извршат кривични дела, како што се измама, кражба, уцена и закани без да мора да се биде во иста физичка средина со жртвата. Дополнително, проширен е опсегот на дејствување на криминални групи или терористички организации, зголемени се можностите за комуникација и пропаганда“, рече Тунч.

Укажувајќи на неопходноста од развој на правна инфраструктура, која вклучува ефективни мерки и санкции за одвраќање, Тунч рече дека Република Туркије направила важни законски измени и чекори во борбата против киберкриминалот и во оваа област.

Истакнувајќи дека Туркије е потписник на главните меѓународни договори во областа на борбата против киберкриминалот, особено на Конвенцијата на Советот на Европа за киберкриминал, позната како Конвенција од Будимпешта, Тунч рече дека неговата земја одржува ефикасна правосудска соработка и континуирано работи на подобрување на сопствените правни и законодавни рамки.


- Договор за соработка меѓу Турската правосудна академија и МУС

Денес свечено беше потпишан и Меморандумот за разбирање меѓу Турската правосудна академија и Меѓународниот универзитет во Сараево (МУС). Меморандумот го потпишаа претседателот на Турската правосудна академија, Мухитин Оздемир, и ректорот на МУС, Ахмет Јилдирим.

Турскиот министер за правда Тунч истакна дека квалитетното образование е многу важно во обуката на судиите и обвинителите и додаде дека е важно образовниот систем да се гради врз основните вредности на правдата и правичноста.

„Во оваа смисла му придаваме значење на развојот на нашата соработка со пријателските земји во областа на правното образование, како и во областа на правосудството. На овој начин ќе се разменуваат информации за образовните системи на различни земји и ќе имаме можност заеднички да видиме примери на добра практика. Верувам дека Меморандумот за разбирање меѓу Турската академија за правда и Меѓународниот универзитет во Сараево ќе биде еден од најдобрите примери за соработка на полето на правното образование“, заклучи Тунч.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın