свет

Астрономите го регистрираа 40.000 астероид во близина на Земјата, ЕСА предупредува на забрзано темпо на откривање

- „Бројот на откритија расте експоненцијално – од илјада на почетокот на векот до 15.000 во 2016 година и 30.000 во 2022 година“

Gizem Nisa Çebi Demir  | 20.11.2025 - Обновена : 20.11.2025
 Астрономите го регистрираа 40.000 астероид во близина на Земјата, ЕСА предупредува на забрзано темпо на откривање

ИСТАНБУЛ (АА) – Европската вселенска агенција (ЕСА) денес соопшти дека астрономите го идентификувале 40.000 астероид во близина на Земјата (НЕА), достигнување што, според агенцијата, ги нагласува и „ранливоста на нашата планета“ и брзиот напредок во истражувањата за планетарна одбрана, јавува Анадолу.

Каталогот на НЕА го надмина бројот од 40.000 во ноември 2025 година, а дури 10.000 од нив биле откриени последниве три години, соопшти ЕСА.

НЕА се карпести остатоци од формирањето на Сончевиот Систем, чија орбита ги носи на околу 45 милиони километри од Земјата. Првиот астероид од оваа група, Ерос, бил откриен во 1898 година, но откритијата значително се забрзале по пуштањето во работа на специјализираните телескопи во 90-тите години.

„Бројот на откритија расте експоненцијално – од илјада на почетокот на векот до 15.000 во 2016 година и 30.000 во 2022 година“, изјави Лука Конверсини, директор на Центарот за координација на објекти во близина на Земјата при ЕСА (НЕОЦЦ).

„Со вклучување на следната генерација телескопи, очекуваме бројот на познати НЕА да расте со уште побрзо темпо.“

ЕСА истакна два клучни фактора за очекуваниот пораст: новоотворената опсерваторија Вера С. Рубин во Чиле, која се очекува да открие десетици илјади нови НЕА, и телескопите Флуеје на ЕСА, дизајнирани да забележуваат објекти кои актуелните системи ги пропуштаат.

- „Повеќето се мали“ и „не претставуваат значајна опасност“ -

Откако ќе биде откриен НЕАA, астрономите ја моделираат неговата орбита децении или векови нанапред. НЕОЦЦ постојано ги ажурира процените за ризик.

Според агенцијата, речиси 2.000 НЕА имаат ненулта веројатност да ја погодат Земјата во следниот век, но повеќето се мали и не претставуваат суштинска опасност.

Поголемите астероиди со дијаметар од еден километар – оние што би можеле да предизвикаат глобална катастрофа – „најлесно се откриваат“ и најголем дел од нив веќе се каталогизирани.

Поголемиот предизвик, наведува ЕСА, е откривање на астероидите со должина меѓу 100 и 300 метри, кои би можеле да предизвикаат сериозна регионална штета. Моментните процени покажуваат дека е пронајдено само околу 30% од овие објекти.

- Нема закана „во догледна иднина“ -

ЕСА наведе дека ниеден од 40.000 познати НЕА не е на траекторија за судир со Земјата „во догледна иднина“, но нагласи дека подготвеноста мора да продолжи.

Леталото „Хера“ на ЕСА е на пат кон астероидот Диморфос за да го проучи ефектот од ударната мисија ДАРТ на НАСА во 2022 година – истражување што треба да ја претвори технологијата за одвраќање астероиди во доверлив метод за планетарна одбрана.

Агенцијата работи и на мисијата „Рамсес“, која ќе го следи астероидот Апофис за време на неговото исклучително блиско, но безбедно минување покрај Земјата во 2029 година. Подоцна, инфрацрвената опсерваторија НЕОМИР, чиј старт е планиран за средината на 30-тите години, ќе овозможи откривање на астероидите што пристигнуваат од насока на Сонцето, како оној што предизвика инцидент во Чељабинск во 2013 година.

Од откривањето на Ерос пред повеќе од еден век до денешната глобална мрежа на опсервации, ЕСА соопшти дека секој новооткриен астероид придонесува кон научното разбирање на минатото на Сончевиот Систем, зајакнувајќи ја истовремено способноста на човештвото „да ја зачува нашата планета безбедна“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.