Светска програма за храна: Речиси една четвртина од населението во Сомалија се соочува со акутен глад
„Се очекува условите да ја интензивираат сушата на север, да ги попречат напорите за закрепнување на југ и да го зголемат ризикот од неуспех на земјоделските култури, загуби на добитокот и недостиг на вода“
МОГАДИШУ (АА) – Речиси една четвртина од населението во Сомалија се соочува со акутен глад, а 1,85 милиони деца под петгодишна возраст се во ризик од акутна неисхранетост, предупреди денес Светската програма за храна (ВФП), јавува Анадолу.
Во соопштението се наведува дека климатската состојба на Рогот на Африка останува крајно неповолна, при што појавите Ла Ниња и негативниот дипол на Индискиот Океан ќе продолжат да предизвикуваат неправилни врнежи и сушни периоди во земјата.
„Се очекува условите да ја интензивираат сушата на север, да ги попречат напорите за закрепнување на југ и да го зголемат ризикот од неуспех на земјоделските култури, загуби на добитокот и недостиг на вода“, се вели во соопштението.
Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (УНОЧА), исто така, предупреди дека сушните услови се влошуваат во северните региони и се шират кон централните и јужните делови на Сомалија.
Особено сериозна е состојбата во регионите Нугал, Мудуг, Бари и Санаг, каде што има четврта последователна сезона со слаби дождови.
„Милиони луѓе се во ризик од уште поголем глад и неисхранетост поради недостиг на финансиски средства“, соопшти УНОЧА.
Во ноември бројот на лица што примаат помош во храна ќе се намали на 350.000, што е значителен пад од 1,1 милион во август, според податоците на канцеларијата.
ОН, повикувајќи се на локалните власти, соопштија дека цената на водата пораснала од 12 на 15 долари за буре од 200 литри, а се очекување ново зголемување, што ќе предизвика дополнителен притисок врз околу 35.000 раселени лица во делови од сојузната држава Пунтланд.
Сомалија претрпи пет последователни сезони со мали количини дождови меѓу 2020 и 2022 година, што резултираше со тешка суша во 2023 година и остави околу 5 милиони луѓе во состојба на акутна несигурност со храна.
Земјата беше погодена со исклучителен глад во 2011 година кога, според ОН, починаа повеќе од 26.000 лица.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
