Zehra Ulucak
29 Мај 2019•Ажурирај: 30 Мај 2019
БАНГКОК (АА) – „Амнести интернешнал“ ја обвини Армијата на Мјанмар за воени злосторства и кршење на човековите права при новите операции спроведени во мјанмарската држава Аракан, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот на „Амнести интернешнал“ се истакнува дека Војската на Мјанмар во борбата против Будистичката војска на Аракан, што започна од јануари, убива и ранува цивили. Будистичката војска на Аракан спроведува вооружени акции во државата, со барања за автономија.
Војската на Мјанмар, според Извештајот, се товари за егзекуции, произволни апсења и тортура.
И покрај тоа што за поголемиот дел од документираните злоупотреби е обвинета Војската на Мјанмар, се наведува дека и бунтовничката група на будистите од Аракан киднапира цивили, им се заканува и ги загрозува нивните животи.
Во извештајот, исто така, се наведува дека се откриени нови докази за нови злосторства на воените единици вклучени во злосторствата против човештвото во минатото.
„Новите операции во провинцијата Аракан покажуваат дека една неодговорна, нереформирана војска, која не жали, со смислена тактика ги тероризира цивилите“, вели во извештајот Николас Бекелин, директорот на „Амнести интернешнал“ за Источна и Југоисточна Азија.
Армијата на Мјанмар ја прогласи Будистичката војска на Аракан за терористичка организација, откако во јануари беа убиени 13, а повредени 9 полицајци.
Повеќе од 30.000 будистички цивили се раселени во Аракан поради судирите меѓу припадниците на организацијата и Војската кои започнаа неодамна.
Во 2012 година во мјанмарската држава Аракан настанаа судири меѓу будистите и муслиманите, во кои илјадници луѓе, од кои повеќето муслимани, беа масакрирани, и беа запалени стотици куќи и деловни простории.
Мјанмарската Војска и будистите националисти започнаа со масовни насилства, а како образложение за тоа ги наведоа истовремените напади извршени на 25 август 2017 година врз граничните полициски станици во Аракан.
Податоците на Обединетите нации (ОН) покажуваат дека од 25 август 2017 година, од Аракан во Бангладеш побегнале над 745 илјади лица.
Сателитските снимки на меѓународните организации за заштита на човековите права докажаа дека се уништени неколку стотици села.
Бангладеш се откажа од спроведување на договорот што го постигна со Мјанмар, за враќање на араканските бегалци што се наоѓаат во Бангладеш.
Мјанмарската Влада на сериозен начин им го ограничува влезот на меѓународните медиуми и на хуманитарните организации во Аракан. Владата не ги исполни ниту ветувањата кои се однесуваат на враќањето на араканските муслимани во Мјанмар.
Обединетите нации и меѓународните организации за заштита на човековите права насилството врз муслиманите од Аракан го окарактеризираа како етничко чистење или геноцид.