Mahmoud Barakat
29 Мај 2019•Ажурирај: 30 Мај 2019
АБУ ДАБИ (АА) - Американскиот советник за национална безбедност, Џон Болтон, денес го обвини Иран дека стои зад нападите врз танкерите со нафта недалеку од брегот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) на почетокот од овој месец, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи во Абу Даби, главниот град на ОАЕ, Болтон рече дека нападите биле извршени со поморски мини, речиси сигурно од страна на Иран.
Обединетите Арапски Емирати соопштија дека четири брода, меѓу кои два танкера за нафта, биле цел на саботажни напади во близина на нивните територијални води, без да обвинат некого за нападите.
Саудиска Арабија, исто така, соопшти дека воени беспилотни летала извршиле напади врз две нафтени пумпни станици на нафтоводот „Исток-Запад“, кој пренесува нафта од Источната Покраина до пристаништето „Јанбу“ на Црвеното Море.
Ријад за нападите ги обвини бунтовниците Хуси во Јемен, кои ги поддржува Иран.
Во меѓувреме, Болтон го обвини Техеран за обид да се стекне со нуклеарно оружје.
„Нема причина за иранско повлекување од Договорот за нуклеарната програма, освен таа за стекување нуклеарно оружје“, рече Болтон.