Muhammet Kurşun
29 Мај 2019•Ажурирај: 30 Мај 2019
ТЕХЕРАН (АА) - Иранскиот претседател, Хасан Рохани, истакна дека ако Соединетите Американски Држави (САД) ги почитуваат претходните обврски и ако се вратат на преговарачката маса која, како што рече, претходно ја урнале, патот за преговори не е затворен, пренесува Anadolu Agency (AA).
Рохани, во изјавата по седницата на Владата дадена во главниот град Техеран, се осврна на преговорите со САД.
Тврдејќи дека САД се непријател на системот на Иран, Рохани рече дека со санкциите му објавиле војна на народот.
„Со овие санкции го покажаа вистинското лице. Во последно време се зголеми и бројот на несоодветни изјави. Бескомпромисниот став на народот на Иран ги принудува да даваат контрадикторни изјави“, додаде Рохани.
Во однос на дебатите за повторните преговори со САД, Рохани истакна:
„За нас критериум се нивните дела, а не нивните зборови. Ако санкциите кон иранскиот народ ги остават настрана, ако ги почитуваат претходните обврски, и ако се вратат на масата што ја урнаа, патот за преговори со нив не е затворен“.
Упатувајќи повик до администрацијата, Рохани рече дека повторното отворање на вратите е во рацете на САД.
„Ако покажете различна практика, ако злото го оставите настрана и се вратите на законите и на правдата, иранскиот народ повторно ќе ги отвори своите врати за вас. Повторното отворање на вратите е во ваши раце. Треба на дело да покажете дека не сакате да ги повторите политиките од минатото.“