свет

Сателитски снимки покажуваат распоредување на американски воени бродови пред можен напад врз Иран

- Сателитските снимки анализирани од експерти укажуваат дека најмалку еден литорален борбен брод, четири противмински брода и бродот за поддршка на специјални операции „M/V Ocean Trader“ моментно се во зоната на одговор на Централната команда на САД

Fatma Zehra Solmaz  | 18.06.2025 - Обновена : 18.06.2025
Сателитски снимки покажуваат распоредување на американски воени бродови пред можен напад врз Иран

Istanbul

ИСТАНБУЛ (АА) - Сателитските снимки покажуваат дека сите претходно распоредени бродови на американската морнарица го напуштиле клучното пристаниште во Бахреин, во време кога Вашингтон се подготвува за потенцијален напад врз Иран, објави Њузвик, пренесува Анадолу.

Сателитските снимки анализирани од експерти, меѓу кои и Ијан Елис, на X укажуваат дека најмалку еден литорален борбен брод, четири противмински брода и бродот за поддршка на специјални операции „M/V Ocean Trader“ моментно се во зоната на одговор на Централната команда на САД.

Нивното заминување од пристаништето укажува на движење кон стратегиските локации низ Персискиот Залив, Ормутскиот Теснец и Оманскиот Залив - клучни области во зоната на одговор на ЦЕНТКОМ, изјавија аналитичарите за Њузвик.

Во понеделникот „УСС Нимиц“ беше пренасочен од Јужното Кинеско Море кон Блискиот Исток, со што во регионот сега има два американски носача на авиони, во услови на израелско-иранскиот судир.

Во сличен потег, десетици авиони за полнење гориво на Американските воздухопловни сили се распоредени во Европа во текот на викендот како мерка на претпазливост за поддршка на потенцијални операции на Блискиот Исток, според двајца претставници од одбраната, објави „Политико“ во понеделник.

„Во согласност со должноста за заштита на американските сили на Блискиот Исток, секретарот за одбрана Пит Хегсет ја насочи јуришната група на носачи на авиони 'Нимиц' кон зоната на одговорност на Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ) да ја одржи нашата одбранбена позиција и да го заштити американскиот персонал“, изјави претставникот за Њузвик.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.