Abdula Berisha
29 Декември 2022•Ажурирај: 31 Декември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, изрази подготвеност „во секој момент“ да постапува во однос на Уставните промени, истакнувајќи дека власта сè уште нема обезбедено двотретинско мнозинство, јавува Агенција Анадолија (АА).
Џафери одржа брифинг со новинарите на кој се разговараше за тековните и идните активности на Собранието. Тој истакна дека во Деловникот и Уставот е пропишана процедурата за иницирање, односно кој може да иницира Уставни измени.
Одговарајќи на новинарско прашање, Џафери рече дека досега немало потреба од директна средба со премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски.
Тој рече дека е познат ставот на премиерот Ковачевски, но истакна дека во моментот нема соодветно мнозинство.
„Се разговара со сите и во моментот кога ќе сметаат дека има предуслови да покренат иницијатива, јас сум подготвен во секој момент, соодветно на надлежностите, да постапувам според пропишаната процедура", рече Џафери.
Согласно преговарачката рамка усвоена од Европската Унија (ЕУ), Северна Македонија треба да усвои уставни измени.
- Џафери незадоволен од работењето на Собранието -
Во извештајот за работата на Собранието за тековната 2022 година стои дека Собранието работело 88 дена за пленарни седници. Притоа, има многу заостанати закони на собраниските комисии.
Во врска со ова, Џафери нагласи опозициската ВМРО-ДПМНЕ одлучи да оди на активна блокада. Тој рече дека оваа одлука е демократско политичко право на политичкиот субјект, а дека исходот ќе го оценат граѓаните.
Со барање за предвремени избори, опозициската ВМРО ДПМНЕ месеци наназад почна со т.н. активна блокада на Собранието, со најава дека ќе ги поддржуваат само добрите иницијативи, а ќе блокираат сè останато.