Ivana Ramadanova
04 Јуни 2017•Ажурирај: 05 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов упати сочувство до Кралицата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Елизабета Втора, по повод терористичкиот напад во Лондон, јавува Anadolu Agency (AA).
„Со шок и огорченост ја примив веста за терористичкиот напад во Лондон, во кој животот го загубија голем број невини лица и има голем број на повредени. Во овие мигови на длабока тага, дозволете ми во име на граѓаните на Република Македонија, да изразам искрено сочувство и да Ве охрабрам во истрајноста и решителноста во борбата со насилството и злосторничките акти, без разлика од каде и од што се мотивирани“, вели Иванов.
Тој истакна дека Република Македонија најостро ги осудува терористичките напади, кои шират страв и од кои никој и никаде не е безбеден, и силно ја поддржува Обединетото Кралство во решителната борба против тероризмот, како предуслов на патот кон мирот, стабилноста и напредокот.
Премиерот Заев упати телеграма со сочувство до британската премиерка Меј
Телеграма со сочувство до британската премиерка Тереза Меј и до граѓаните на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, по синоќешниот напад во Лондон, испрати и претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.
„Во име на граѓаните на Република Македонија, на Владата на Република Македонија и во мое лично име изразувам длабоко сочувство до семејствата на загинатите во ужасниот напад во Лондон, до Владата на Велика Британија и до граѓаните на Британија. Најостро го осудуваме овој напад врз невини жители на Лондон, на Лондонскиот мост и во околните ресторани, меѓу кои има и посетители на Лондон“, наведува Заев.