Ivana Ramadanova
04 Јуни 2017•Ажурирај: 04 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, упати телеграма со сочувство до британската премиерка Тереза Меј и до граѓаните на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, по синоќешниот напад во Лондон, во кој има загинати и повредени, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во име на граѓаните на Република Македонија, на Владата на Република Македонија и во мое лично име изразувам длабоко сочувство до семејствата на загинатите во ужасниот напад во Лондон, до Владата на Велика Британија и до граѓаните на Британија. Најостро го осудуваме овој напад врз невини жители на Лондон, на Лондонскиот мост и во околните ресторани, меѓу кои има и посетители на Лондон“, наведува Заев.
Секој акт на загрозување човечки животи, каде и да се случи, како што посочува, е загрозување на слободата и спокојот на целото човештво.
„Се солидаризираме со граѓаните на Велика Британија и цврсто и решително застануваме на страната на Британија. Потребно е да се дејствува мудро и внимателно во интерес на мирот во Велика Британија и во светот. Уверени сме дека истрагата ќе ги расветли до крај мотивите за нападот и нарачателите и инволвираните ќе се соочат со правдата“, стои во телеграмата.
Република Македонија, истакнува Заев, е подготвена да помогне и да дејствува обединето со демократскиот цивилизиран свет во справувањето со сите облици на насилство и тероризам, додавајќи дека мислите и молитвите на македонскиот народ се со граѓаните на Велика Британија.