политика

Северна Македонија и Грузија потпишаа договор за безвизен режим

„Симболично нас нè поврзува еден многу значаен јубилеј. Оваа година и Северна Македонија и Грузија прославуваат 30 години независност. Ние од стекнувањето, а Грузија од обновувањето на нејзината независност“

Husamedin Gina  | 10.05.2021 - Обновена : 11.05.2021
Северна Македонија и Грузија потпишаа договор за безвизен режим Фото: Husamedin Gina/АА

СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска се состана со претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили, која престојува во дводневна официјална посета на земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).

Претседателката на Грузија, Зурабишвили, беше пречекана од страна на претседателот Пендаровски, со највисоки државни и воени почести, на платото пред Кабинетот на претседателот.

По тет-а-тет средбата одржан беше и пленарен состанок на делегациите на Република Северна Македонија и на Грузија.

По средбите, претседателот Пендаровски, и претседателката на Грузија, Зурабишвили, го потпишаа Договорот за безвизен режим, а потоа Пендаровски и Зурабишвили одржаа заедничка прес-конференција.

Претседателот Пендаровски, истакнувајќи дека посетата на претседателката на Грузија е прва и историски на највисоко ниво, потсети дека посетата се случува многу кратко по воспоставувањето на дипломатските односи на 16 февруари 2019 година.

„Симболично нас нè поврзува еден многу значаен јубилеј. Оваа година и Северна Македонија и Грузија прославуваат 30 години независност. Ние од стекнувањето, а Грузија од обновувањето на нејзината независност“, нагласи Пендаровски.

Истакнувајќи дека Северна Македонија и Грузија имаат исклучително богато природно и културно историско наследство, Пендаровски рече дека денес е потпишана спогодба меѓу двете држави за укинување на визите и меморандум за соработка во областа на културата.

Меѓу другото, Пендаровски ги охрабри стопанствениците од двете земји да воспостават контакти и да работат на деловни партнерства од заемна полза.

Претседателката на Грузија, Зурабишвили, истакна дека повеќе од една година светот се бори со невидливиот непријател и рече дека пандемијата практично ги запрела меѓународните односи и дека кризата особено ги погодила малите земји.

Зурабишвили, наведувајќи дека членството на Северна Македонија во НАТО е многу силен сигнал дека вратата на Алијансата е навистина отворена и дека не се работи само за зборови, туку за реалност, нагласи:

„Грузија и Северна Македонија ги обединуваат многу заеднички работи. Интеграцијата во ЕУ и НАТО е патот што го избравте и вие, но и ние Грузија. За да се постигне успех на овој пат важна е поддршката на нашите партнери. Особено од оние земји коишто веќе го имаат поминато овој пат.“

Осврнувајќи се на потпишаниот Договор за безвизен режим, Зурабишвили рече дека Договорот ќе ја зајакне размената на сите посетители и ќе ги подобри односите во туризмот, економијата и во други важни сфери.

Претседателката на Грузија, според работната агенда, ќе има средба и со претседателот на Собранието, Талат Џафери, вицепремиерот Артан Груби, а исто така ќе положи венци со цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.