политика, Балкан

Пендаровски повика на обединување, политичките лидери ги покани на заедничка средба

Во обраќањето до јавноста Пендаровски истакна дека „за жал, заклучоците на Советот не се во согласност со оправданите очекувања на Северна Македонија и дека сигурно не се во рамките на претходните најави во самата Унија“

Admir Fazlagic  | 18.10.2019 - Обновена : 20.10.2019
Пендаровски повика на обединување, политичките лидери ги покани на заедничка средба ( Фото: Кабинет на претседателот на Северна Македонија )

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во своето обраќање до јавноста по повод последните одлуки на Советот на Европската Унија (ЕУ), во однос на определувањето на датум за почеток на преговори за членство на земјата во Унијата, истакна дека, за жал, заклучоците на Советот не се во согласност со оправданите очекувања на Северна Македонија и дека сигурно не се во рамките на претходните најави во самата Унија, пренесува Anadolu Agency (AA).

Пендаровски истакна дека е разбирливо што во овие моменти кај многумина постои чувство на разочараност и порача: „Меѓутоа, емоциите настрана, мораме трезвено да се соочиме со новата реалност. Ниту една политичка одлука не е за вечни времиња, ниту еден развој на настаните не е конечен.“

Претседателот на Северна Македонија рече дека пред да се донесе одлука како понатаму, важно е да се рзбере „зошто некои одлуки се такви какви што се, а не такви какви што со право очекувавме да бидат.“

„Неспорно е дека ги исполнивме сите предуслови за почеток на преговорите и тоа беше констатирано на претходаната средба во јуни, кога без други забелешки беше заклучено дека од технички причини поврзани со временскиот лимит по штотуку завршените евро-избори, одлуката ќе биде донесена на Самитот во октомври. Сите информации што ги имавме за разговорите, пред и за време на Самитот, неспорно зборуваат за концепциски разлики меѓу носечките држави членки на ЕУ во однос на процесот на проширувањето“, рече Пендаровски, додавајќи дека дел од тие забелешки се однесуваат на методологијата за водењето на претпристапните преговори.

„Мојот став од почетокот беше и останува дека предлозите за надградување на методологијата се добредојдени, затоа што заедничка цел е да се осигураат позитивни промени што треба да се случат во текот на процесот. Меѓутоа, во заднината на сите преговори можеа да се слушнат и размислувања за градење на некаков посебен однос на Европската Унија со државите од нашиот регион, различен од патот низ којшто поминаа сите некогашни кандидати за членство“, истакна Пендаровски.

Според Пендаровски, тие дилеми допираат до самата суштина на европската идеја, а таа е дека сите држави на континентот, со исполнување на критериумите имаат право на полноправно членство во Унијата.

„Идејата за обединета Европа е право на сите Европејци и тоа никој не може да им го одземе. Ние сме европска држава и имаме право да бидеме дел од заедничкиот европски дом. Нашата држава има многу искрени пријатели и сојузници во Европа. Во овие моменти, кога некои од нас се преиспитуваат, сакам јавно да кажам дека ние во Европа немаме непријатели, постојат само држави кои имаат свои специфични национални интереси кои ги штитат и во тоа нема ништо спорно“, додаде Пендаровски.

Претседателот на Северна Македонија рече дека „сега е најважно ние самите, уште еднаш, да ги потврдиме нашите позиции во однос на евроатлантските интеграции кои немаат одржлива алтернатива“.

„Членството во НАТО ќе се случи наскоро, а членството во ЕУ, знаеме одамна, нема да биде задача само на една влада, на еден парламент или на еден претседател. Убеден сум дека ако го сакаме доброто на сопствената земја, единствениот исправен пристап, имајќи ги предвид новите околности, е да бидеме уште порешителни во трансформацијата на нашето општество“, потенцираше Пендаровски.

„Ние не треба да бидеме само формално членка во Унијата, туку реално да го усвоиме системот на вредности и нивната примена во секојдневниот живот на граѓаните. Реформите во многу области, а особено функционирањето на правната држава, мора да продолжат и да се интензивираат без никакви калкулации“, смета Пендаровски.

„Справувањето со организираниот криминал и високата корупција не се само услов за интеграциите, тие се многу повеќе, нужност за опстојувањето на еден одржлив правен поредок“, рече тој, и додаде: „Европските стандарди треба да станат домашни стандарди. Ако нашите луѓе не видат европски стандарди на живеење, само формалното членство во Унијата не му е никому потребно.“

Во однос на договорите кои во изминатиот период Северна Македонија ги има постигнато со Бугарија и Грција, рече: 

„Независно од заклучоците на Советот на ЕУ, договорите што ги постигнавме со нашите соседи Бугарија и Грција мораме да продолжиме да ги спроведуваме, онака како што е договорено, со фер пристап од сите страни, бидејќи тие се темел на добрососедските односи, но и на регионалната соработка и стабилност.“

„Исто така, внатрешните реформи за целосна интеграција и рамноправност на сите етнички заедници мораат да продолжат затоа што се предуслов за внатрешната кохезија и стабилноста на државата“, рече Пендаровски.

Во своето обраќање тој рече дека во овие моменти, „најмалку што ни е потребно, е нашето незадоволство да го насочуваме кон одредени земји членки на Унијата и без потреба да ја трошиме енергијата во креирање политички тензии“, и ги повика политичките лидери на лидерска средба.

„Токму затоа, во името на нашата иднина ги повикав раководствата на најголемите политички партии за момент да ги остават настрана своите легитимни партиски интереси и сите заедно да ја реафирмираме нашата визија за иднината на земјата. За таа цел упатив покани за лидерска средба до претседателите на најголемите парламентарни политички партии и од власта и од опозицијата. Убеден сум дека токму сега е време да покажеме единство околу нашата стратешка ориентација, без разлика на легитимните политички разлики по многу прашања“, изјави Пендаровски.

Информираше дека од сите поканети добил позитивен одговор и лидерската средба веќе е закажана за в недела, на 20 октомври. 

„Сега не е време за разочарување, за апатија или за калкулации за добивање на ситни дневнополитички поени. Сега е време за повторно обединување околу она што ни е најважно во Република Северна Македонија - нашата иднина и иднината на генерациите што доаѓаат. Јас сум длабоко уверен дека само ако работиме заедно - ќе успееме!“, истакна Пендаровски во своето обраќање.

Претходно денеска, комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан, на својот профил на социјалната мрежа Твитер објави дека е разочаран што Советот за општи работи на Европската Унија (ЕУ) не го исполни определувањето на Европскиот блок за отворање на преговорите за пристапување со Северна Македонија и Албанија.

Советот за општи работи, кој го сочинуваат министри за надворешни или европски работи на земјите членки, на состанокот во Луксембург разговараше за предлогот со Северна Македонија и Албанија да се отворат преговори за пристапување.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.