Husamedin Gina
22 Април 2019•Ажурирај: 23 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) – Според Меѓународната мисија за набљудување на изборите, денот од првиот круг на претседателските избори во Северна Македонија поминал мирно, уредно и транспарентно, јавува Anadolu Agency (AA).
Меѓународните набљудувачи од Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОБСЕ/ОДИХР), Парламентарното собрание на ОБСЕ (ОБСЕ ПС) и од Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), кои ги набљудуваа претседателските избори во Северна Македонија, денес на заедничката прес-конференција ги соопштија првичните наоди и заклучоци од првиот круг на претседателските избори.
Серен Мобурн, специјална координаторка и шеф на краткорочните набљудувачи од ОБСЕ и пратеник во француското Собрание, истакна дека гласачите беа во можност да се информираат пред да го направат својот избор помеѓу спротивставените политички визии.
„Нашите набљудувачи се на мислење дека денот на изборите беше мирен, уреден и транспарентен и севкупно е оценет позитивно“, рече Серен Мобурн, додавајќи дека законската рамка е главно погодна за одржување демократски избори, меѓутоа одредени одредби од Изборниот законик не ги отсликуваат специфичните услови на претседателската трка.

Таа, исто така, истакна дека нефункционирањето на информатичките системи ја доведоа во прашање информатичката безбедност на Државната изборна комисија.
„И покрај тоа што има подобрување во избирачкиот список, разликите меѓу различните државни бази на податоци и понатаму се проблем на кој треба да се посвети внимание“, рече Мобурн, нагласувајќи дека ако се сака одржлива демократија, сериозно треба да се земат предвид инвестициите во демократските процеси.
Серен Мобурн, нагласувајќи дека кандидатите за претседател можеле да водат слободна кампања, истакна дека Јавниот радиодифузен сервис и севкупно медиумите, обезбедиле непристрасно покривање и презентирале разновидни информации за кандидатите.
Според првичните резултати од првиот круг на претседателските избори во Северна Македонија, од 99,49 проценти обработени гласачки ливчиња, кандидатите Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова ќе се натпреваруваат во вториот круг од изборите што ќе се одржи на 5 мај оваа година.
Пендаровски, кандидат поддржан од владејачката коалиција предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), тесно води со 42,84 проценти (323.463 гласови) против Силјановска-Давкова, кандидат поддржан од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, која освои 42,24 проценти (318.945 гласови) од вкупниот број гласови.
Претседателскиот кандидат на опозициските партии од албанскиот блок, Алијанса на Албанците и Движењето Беса, Блерим Река, како треторангиран според досегашните резултати, нема право да учествува во вториот круг од изборите.
Според податоците на ДИК, Река освои 10,57 отсто од вкупниот број гласови, односно ја доби поддршката од 79.824 граѓани.
Излезноста, според податоците на ДИК, во првиот круг од претседателските избори изнесува 41,97 проценти или 721.595 гласачи го искористиле своето право на глас, од вкупно 1.808.131 гласач.
Вториот круг од изборите ќе се одржи за две недели, на 5 мај. Ова се шести претседателски избори, по осамостојувањето на земјата.