Admir Fazlagic
02 Мај 2017•Ажурирај: 02 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски денеска на својот Фејсбук профил објави фотографија од кабинетот на претседателот на Собранието. Опишувајќи ја фотографијата Милишоски напиша дека пратениците се во Собранието и ги реафирмираат позициите по последните случувања во Собранието, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Пратениците од коалицијата "За подобра Македонија" денес во Собранието ги реафирмираат следните позиции: Секој Пратеник има мандат и должност да го почитува и штити Деловникот на Собранието, Законите и Уставот на Република Македонија; Ниедна политичка амбиција на политичар или политичка партија, ниедна Платформа заверена во туѓа држава, не дава право за кршење на Деловничката процедура како дел од демократијата во Собраниетo; Обидот за избор на Претседател на Собранието со кршење на Деловникот и Законите е нелегален и ниеден политички притисок тоа не може да го покрие; Против пратениците Мухиќ и Мисовски, кои превземаа неделовнички дејствија и предизвикаа политичко насилство, ќе поднесеме кривични пријави до надлежните институции; На Македонија во овие тешки и многу чувствителни моменти не и потребен нелегален Претседател на Собранието, нелегална Влада и создавање на тешки политички преседани со формирање на паралелни институции спротивни на Уставот кои можат да предизвикаат штетни и непоправливи последици; Платформата од Тирана не е поважна од Деловникот на Собранието, Законите и Уставот на Република Македонијa; Пратениците во Собранието имаат мандат од граѓаните, граѓаните се носители на суверенитетот во Република Македонија и нивниот став е најбитен, без разлика дали е изразен на избори или на демократски протести; Ниту политичкото насилство, ниту физичкото насилство во Собранието не се за оправдување, ниту пак заради насилни поединци некој има право целиот мирољубив народ да го нарекува терористи", пишува во Фејсбук објавата на пратеникот Милошоски.
Инаку, вратите од прес-центарот на Собранието на Република Македонија се пломбирани. Од службите во Собранието велат дека пристап до прес-центарот ќе има откако јавен обвинител ќе заврши со увидот во просторијата.
Во ходниците на Собранието сеуште стои расфрланиот мебел, а службите за хигиена ги чистат просториите.
Потсетуваме дека вечерта на 27 април, по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, во хаотична ситуација, демонстрантите симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ кои се собраа пред зградата на Парламентот, влегоа на сила во зградата. Како резултат на насилството од страна на демонстрантите кон пратениците, беа повредени околу 100 луѓе, вклучувајќи и пратеници, полицајци и претставници на медиумите.