Evren Aydemir, Senada Ibraimova
27 Јануари 2017•Ажурирај: 28 Јануари 2017
БЕРЛИН (АА) – Канцеларката на Германија, Ангела Меркел изјави дека нема да дозволат заканата од тероризам да го смени европскиот начин на живот, јавува Anadolu Agency (AA).
Меркел рече дека на средбата со францускиот претседател Франсоа Оланд во Берлин ќе разговараат на теми претежно поврзани со Европската Унија (ЕУ).
Таа во заедничка изјава што ја даде пред одржувањето на средбата со Оланд истакна дека ќе го посетат местото каде што се случи терористичкиот напад на новогодишниот пазар минатата година и додаде: „Сметаме дека оваа закана само заедно можеме да ја спречиме. Со посетувањето на тоа место сакаме да покажеме дека нема да дозволиме да ни се мешаат во нашиот начин на живеење. Парижаните и Французите ова јасно ни го покажаа“.
Меркел истакна дека во борбата против тероризмот се цврсто поврзани, дека ЕУ ја чекаат големи испити и оти сите држави-членки покрај борбата против тероризмот, треба да покажат повеќе солидарност во однос на трговските договори и формирањето дигитален внатрешен пазар, како и за економските прашања и за климатските промени.
Таа нагласи дека во однос на важноста на ЕУ, со Оланд имаат ист став и пренесе оти споделиле слични ставови за тоа дека само заедно можат да ги решат проблемите во државите-членки, како и оние надвор од нивните граници.
Претседателот Оланд, пак, потсетувајќи дека ќе го посетат плоштадот каде што се случи терористичкиот напад рече: „Уште еднаш ќе ја покажеме нашата солидарност. Во исто време, ќе ја покажеме гордоста за тоа кои сме, дека сме слободни држави, демократски држави и оти сме Европа којашто ги брани вредностите што ги застапуваме во светот“.
Оланд понатаму рече дека ќе ги штитат границите и самите себе и додаде: „Ќе ја обезбедиме нашата сигурност. Но, сигурно ќе ги носиме и нашите вредности. Затоа сме Европјани“.
Францускиот претседател посочи дека Франција има доволно можности да се брани себеси, но истакна дека земјите заедно се посилни и дека сакаат да достигнат поголем просперитет благодарение на пазарите што сакаат да ги формираат.
Оланд исто така нагласи дека се во позиција на разговори со новиот американски претседател Доналд Трамп за новите трговски правила, но оти нема да прават компромис за некои теми. Тој додаде дека треба да разговараат за тоа како ќе ја преобликуваат унијата со 27 држави-членки по напуштањето на Британија.
Осврнувајќи се на заканата од зголемувањето на популизмот, Оланд рече дека е потребна борба против популизмот, бидејќи, како што рече, тој е закана за внатрешното уредување во некои држави.