Макрон: Трамп ќе се чувствува „измамен“ доколку Русија не даде „јасен одговор“ за прекинот на огнот во Украина
Макрон истакна дека „сака“ американска поддршка за европско распоредување, но додаде дека, исто така, сака да се подготви за сценарио без САД

Istanbul
Францускиот претседател Емануел Макрон денес изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе се чувствува „измамен“ и „изневерен“ доколку Русија не даде „јасен одговор“ во врска со предложеното примирје во Украина, јавува Анадолу.
„Ако Русија не даде јасен одговор, тогаш, со право, претседателот Трамп ќе се чувствува измамен и изневерен и ќе мора да реагира“, рече Макрон на прес-конференција по Самитот на Европската Унија (ЕУ) во Париз.
Макрон, исто така, го повика кинескиот претседател Си Ѓинпинг да одигра „целосно активна улога“ во поттикнувањето на мирот, наведувајќи ги дипломатските односи на Кина со Русија и претходните мировни напори со Бразил.
„Се надевам дека претседателот Си може да ни помогне да изградиме цврст и траен мир“, рече Макрон, нагласувајќи ја позицијата на Кина како постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН).
За да ги зајакне сојузниците на Украина, Макрон најави дека тој и премиерот на Велика Британија, Кир Стармер, заеднички ќе ги водат напорите за координирање на меѓународната поддршка за Киев.
Двајцата лидери имаат за цел да ги зајакнат одбранбените капацитети на Украина и дипломатската поддршка во услови на континуирана руска агресија.
Макрон, исто така, го претстави предлогот за распоредување сили од одредени европски земји на стратешки локации во Украина.
„Тие би имале одвраќачки ефект од потенцијална руска агресија“, рече тој.
„Овие војници, од неколку држави поради недостаток на едногласна поддршка, ќе бидат стационирани во однапред одредени стратешки области со договор со Украина“, објасни тој.
Тој додаде дека „сака“ американска поддршка за европско распоредување, но додаде дека, исто така, сака да се подготви за сценарио без САД.
Макрон најави дека планира да се испрати француско-британски тим во Украина за да помогне во обуката на украинската војска, обликувајќи ја идната структура на украинската армија.
Тој, исто така, потврди дека ЕУ ја забрзува исплатата на заемите одобрени од Г-7 за да ѝ ја обезбеди на Украина неопходната финансиска поддршка.
Макрон потврди дека санкциите кон Русија нема да бидат укинати, наведувајќи дека оваа одлука е едногласно договорена на самитот во Париз.
„Санкциите кон Русија нема да бидат укинати, беше едногласно договорено на самитот во Париз“, рече тој, нагласувајќи го континуираниот економски притисок врз Москва.
„Сѐ додека Русија ја продолжува својата агресија, нема да има олеснување на санкциите“, додаде Макрон.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.