Abdula Berisha
31 Октомври 2021•Ажурирај: 31 Октомври 2021
СКОПЈЕ (АА) - Според податоците објавени на официјалната веб-страница на Државната изборна комисија (ДИК) на Северна Македонија, од обработени 96 проценти од податоците, правото на глас до 11:00 часот го искористиле 180.062 граѓани или 14,04 проценти, јавува Агенција Анадолија (AA).
Вкупно 1.353.990 лица имаат право на глас во вториот круг од локалните избори, на вкупно 2.481 избирачко место низ целата земја, а гласањето продолжува до 19:00 часот.
Во меѓувреме, претседателот на ДИК, Александар Даштевски, на редовната прес-конференција информираше дека гласањето на локалните избори во најголем број избирачки места се одвива без пречки.
Тој нагласи дека до ДИК досега пристигнале 109 приговори за заштита на избирачкото право, притоа додавајќи дека на помалку од 10 избирачки места имало прекини од повеќе од еден час и дека на овие избирачки места ќе има продолжување на гласањето и по 19:00 часот.
Според Даштевски, причините за прекинот на гласањето биле технички и се однесуваат на терминалите за биометриска идентификација на гласачите, што за првпат се користат на овие локални избори.
Вториот круг од седмите локални избори во Северна Македонија се одржува во 44 општини и во Град Скопје, откако во првиот круг беа избрани 34 градоначалници.
Ова се седми локални избори во Северна Македонија, првите беа одржани во 1990 година, а последните локални избори во земјата се одржаа во 2017 година.
Во меѓувреме, процентот од излезноста на гласачите на целата територија на Северна Македонија, како и во одделните општини, можете да го следите на страната на ДИК: https://rezultati.sec.mk/mk/mayr/t2