Калас им порача на властите во Белград: Сакам да ја видам Србија како напредува кон ЕУ
„Мојата порака до властите во Белград е јасна. Сакам да ја видам Србија како напредува кон ЕУ. За тоа, политичките лидери мора да ги спроведат потребните реформи и да ја разјаснат стратешката насока.“

БЕЛГРАД (АА) - Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, им порача на властите во Белград дека сака да ја види Србија како напредува кон Европската Унија (ЕУ), јавува Анадолу.
„Мојата порака до властите во Белград е јасна. Сакам да ја видам Србија како напредува кон ЕУ. За тоа, политичките лидери мора да ги спроведат потребните реформи и да ја разјаснат стратешката насока“, нагласи таа на мрежата X.
„Ова“, истакна таа, „најдобро се постигнува со обнова на довербата и останување верни на демократските принципи“.
Калас пристигна во Белград синоќа, каде што се сретна со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а денес разговараше и со претседателот на Владата на Србија, Ѓуро Мацут.
Калас престојува во втора посета на Западен Балкан до 23 мај, за време на која ќе ги посети и Косово и Северна Македонија.