свет

Каја Калас: Русија го зголемува притисокот врз Украина со „најсмртоносни напади“

„Јасно е дека Русија го зголеми притисокот врз Украина. Навистина ја бомбардира земјата и сме сведоци на најсмртоносните напади досега“

Necva Taştan Sevinç  | 26.05.2025 - Обновена : 28.05.2025
Каја Калас: Русија го зголемува притисокот врз Украина со „најсмртоносни напади“

ИСТАНБУЛ (АА) – Високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, денес изјави дека Русија ги интензивира нападите врз Украина, при што се извршени „најсмртоносните“ напади досега, нагласувајќи ја потребата од посилен меѓународен притисок врз Москва, јавува Анадолу.

„Овие напади врз Киев се навистина ужасни“, рече Калас за новинарите пред почетокот на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

„Јасно е дека Русија го зголеми притисокот врз Украина. Навистина ја бомбардира земјата и сме сведоци на најсмртоносните напади досега“, додаде таа.

Калас потенцираше дека Европската Унија е подготвена да преземе дејства за да ја поттикне Русија кон мир.

„На нас е да вршиме притисок врз Русија, за и таа да посака мир“, истакна Калас.

„Ние сме подготвени да делуваме од европска страна и се надеваме дека и другите меѓународни партнери ќе го следат тој пример“, додаде таа.

Иако главниот фокус на состанокот е насочен кон прашањата за развој, вклучително и последиците од повлекувањето на САД од помошта, Калас нагласи дека Украина и понатаму останува клучна тема за министрите на ЕУ.

Таа, исто така, ја истакна пошироката агенда на советот, која вклучува решавање на стратешките приоритети во соседството на ЕУ, одбрана на човековите права, зајакнување на слободата на медиумите и унапредување на подготовките за самитот ЕУ - Африка.

Осврнувајќи се на неодамнешните разговори со африканските партнери, Калас рече: „Имаше многу размени на мислења и мислам дека дефинитивно треба да ја градиме таа соработка“.

Таа ја истакна и тековната дискусија за следната Мултигодишна финансиска рамка, потенцирајќи ја потребата од поефикасно надворешно делување.

„Ќе разговараме како да го направиме тоа на подобар начин – да биде модернизирано и поекономично, бидејќи средствата се секогаш ограничени“, заклучи Калас.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.