Husamedin Gina
28 Мај 2021•Ажурирај: 30 Мај 2021
СКОПЈЕ (АА) - Денес во Скопје беше отворен панелот „Патот до Преспа - форум за дијалог“, воведен настан за претстојниот „Преспа - форум за дијалог“, што ќе се одржи на 1-2 јули 2021 година во Охрид, јавува Агенција Анадолија (АА).
На отворањето се обрати министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, а во изјавата за медиумите по панел-дискусијата, истакна дека овој денешен панел, на кој зедоа учество експерти, претставници на граѓански организации на национално, регионално и меѓународно ниво, е воведен настан пред големата меѓународна конференција „Преспа - форум за дијалог“.
„Во основата на „Преспа - форум за дијалог“ се наоѓа суштината на трите наши договори по кои Северна Македонија се препознава како уникатен пример во поширокиот регион. Тоа се Охридскиот рамковен договор, Договорот за пријателство со Бугарија, како и Договорот за стратешко партнерство со Грција познат како Преспански договор“, рече Османи.
Трите договори, како што нагласи Османи, уживаат силен внатрешен и меѓународен легитимитет и се широко прифатени и дома и кај меѓународните пријатели.
Истакнувајќи дека во договорите се препознаваат силни политички принципи и вредности кои имаат универзално значење, Османи рече дека во договорите, пред сѐ, има храбри политички чекори за изградба на долгорочни и стабилни компромиси, меѓусебно почитување, како и политичко и дипломатско трпение.
Според министерот Османи, панелот „Преспа - форум за дијалог“ претставува државен проект во организација на Министерството за надворешни работи, а под покровителство на Владата на Северна Македонија.
Нагласувајќи дека се работи за амбициозна конференција од меѓународен карактер, Османи рече дека има импресивна листа на поканети гости.
Панелот „Преспа - форум за дијалог“ ќе послужи како платформа за прибирање на идеи и предлози, кои ќе бидат претставени во заеднички Регионален политички документ, со препораки за политиките во однос на политичкото, економското и социјалното влијание на регионалните и билатерални спогодби на Западниот Балкан.
На новинарско прашање во однос на предлогот на португалското претседателство за надминување на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, Османи рече дека во последните денови сериозно е започнат процесот на градење на доверба меѓу двете страни.
„Паралелно работиме со нашите пријатели во рамките на предлогот на португалското претседателство за кој се разговара на повеќе форуми. Ние веќе констатиравме, односно го оценивме како добра основа за надминување на разликите бидејќи ја зема предвид сензитивноста на сите страни“, нагласи Османи.
Османи исто така истакна дека работат со португалското претседателство, билатерално со Република Бугарија, но и со земјите членки на ЕУ за да се искористи овој период од неколку недели да се најде конечно решение за надминувањето на разликите меѓу Северна Македонија и Бугарија.