Husamedin Gina
14 Март 2019•Ажурирај: 15 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров, денеска се состана со својот чешки колега, министерот за надворешни работи, Томаш Петжичек кој престојува во официјална посета на земјава, јавува Anadolu Agency (AA).
По состанокот, на заедничка прес-конференција министерот за надворешни работи на Република Чешка, Томаш Петжичек истакна дека „Парламентот на Република Чешка ќе го ратикува Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО до ова лето, а наесен земјата во Лондон ќе седи со останатите земји членки на Алијансата како језина 30-членка."
Петжичек честитајќи му на Димитров за решавањето на спорот за името со Грција напомена дека постигнувањето на Договорот со Преспа е пример како две влади можат да решат еден долгогодишен спор.
Петжичек истакна дека Чешка ќе и помогне на Северна Македонија во сите области во кои таа помош ќе и биде потребна со цел по НАТО да се отворат и вратите за Европската унија.
Шефот на македонската дипломатија рече дека годинава се одбележани 25 години од дипломатските односи со Чешка, со кои имаат блискост, партнерство, пријателство и културни историски врски.
Министерот Димитров информираше дека денес покрај потпишувањето на Меморандум за соработка помеѓу двете министерства за надворешни работи, со својот колега од Чешка, разговарале за зголемениот политички дијалог, растечката економска и трговска соработка меѓу двете земји.
„Се разбира дека многу разговаравме за НАТО, јас сум охрабрен дека и Чешка наскоро ќе биде меѓу следните земји кои што ќе го ратификуваат пристапниот протокол“, рече Димитров потсетувајќи дека денеска Литванија, како 8 земја го потпишала пристапниот протокол.
Во рамките на посетата, министерот Петжичек ќе оствари средби и со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, а потоа ќе присуствува на свечениот прием во Амбасадата на Република Чешка по повод 25 годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу двете земји.