Husamedin Gina
12 Март 2019•Ажурирај: 13 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) – Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) денес официјално ја започна Набљудувачката мисија за претседателските избори во Република Северна Македонија, закажани за 21 април, јавува Anadolu Agency (AA).
Мисијата ќе ја предводи Корин Јонкер и се состои од главен тим од 11 експерти со седиште во Скопје и 18 долгорочни набљудувачи, кои ќе бидат распоредни низ целата држава во мултинационални тимови од по двајца набљудувачи, од 20 март.
Во текот на набљудувањето, мисијата ќе се сретне со претставници на државните власти, политичките партии, со претставници на граѓанскиот сектор, медиумите и меѓународната заедница.
Шефот на Набљудувачката мисија на ОДИХР за изборите, Корин Јонкер, на денешната прес-конференција истакна дека ОБСЕ/ОДИХР претстојните претседателски избори ќе ги покрива со вкупно 279 набљудувачи.
Таа исто така нагласи дека ОДИХР дополнително ќе побара од земјите членки на ОБСЕ да обезбедат 250 краткорочни набљудувачи кои ќе дојдат неколку дена пред изборите.
„Ова е 18-ти мониторинг во земјата. Мисијата ќе го мониторира не само денот на изборите туку и периодот пред, за време, и по денот на изборите“, рече Јонкер.
На денот на изборите набљудувачите ќе го следат отворањето на гласачките места, гласањето, броењето на избирачките ливчиња и сумирањето на резултатите.
Мисијата ќе објави и периодичен извештај за својата работа. Ден по изборите, Мисијата ќе објави изјава за прелиминарните наоди и заклучоци на прес-конференција.
ОДИХР ќе објави конечен извештај за набљудувањето приближно два месеца по завршувањето на изборниот процес.