МОСКВА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин и специјалниот претставник за Авганистан и директор на вториот Азиски оддел при Министерството за надворешни работи, Замир Кабулов, рекоа дека не постои евтино и брзо решение за Авганистан.
Кабулов во изјава за АА во Москва ја оцени состојбата во Авганистан, како и случувањата во регионот и руската политика. Тој нагласи дека генералната состојба во Авганистан е длабоко загрижувачка.
„Денес во Авганистан не постојат важните фактори како што се економијата, доброто управување и јаките вооружени сили. Отсуството на овие три фактори создава загриженост и песимизам. Многу е тешко да се понуди решение под вакви услови. Моментално не постои евтино и брзо решение за Авганистан“, додаде тој.
Во врска со негативното влијание на Авганистан во регионот, тој рече: „Состојбата во Централна Азија, чиј извор е Авганистан, може да создаде закана за националната безбедност во Русија. Ние како регионални држави сме за стабилноста на Авганистан, затоа што ова е заедничка област и случувањата таму директно ни влијаат и нам“.
- „Ќе се обидеме да ја надминеме заканата Авганистан да се претопи во хаос“
Кабулов истакна дека го поддржуваат управувањето на Кабул, но како што рече тој, ова не значи дека ќе замижат преку неговите неуспеси.
„Според денешните услови, иднината на Авганистан е мошне мрачна. Меѓутоа, ако сега сѐ е лошо, не значи дека и во иднина ќе биде така. Поради ова, ќе се обидеме да преминеме преку заканата Авганистан да се претопи во хаос“, изјави Кабулов.
Во врска со поддршката што Русија му ја дава на Авганистан, тој вели: „Оваа година дадовме 10 илјади парчиња ‘калашников’ за авганистанската полиција. И претходно помагавме на сличен начин. Секоја година држиме обука за авганистанските полицајци и војници. Помагаме и со хуманитарна помош директно, или преку ОН“.
За неуспешните обиди на руските бизнисмени во Авганистан, Кабулов се изјасни дека како држава не размислуваат да инвестираат големи пари во Авганистан.
- „Русија има контакти со талибанците“
Специјалниот претставник за Авганистан, Кабулов потврди дека Русија има контакти со талибанците. „Имаме контакти со талибанците. Со нив контактираме околу обезбедувањето на руските дипломатски претставници и граѓаните. Исто така, преку нашите контакти им предложуваме прекин на огнот. Не можам да дадам информација за нивото на контактите, бидејќи е затворена тема, но можам да кажам дека е добро“.
Тој рече оти интересите на Русија во борбата против ДЕАШ се совпаѓаат со оние на талибанците: Моментално, лицата што ги напаѓаме во Сирија се тие против кои талибанците се борат во Авганистан“.
- „Талибанците доживуваат политички промени“
„Талибанците не ја прифатија идејата за глобален џихад. Нивната првенствена цел е да ја спасат државата од опсадата и да воспостават независно авганистанско управување. Талибанците не ја прифатија џихадистичката идеологија на ДЕАШ и се борат против нив, бидејќи ги гледаат како ривали“, рече Кабулов и нагласи дека талибанците доживеале политичка, иако не и идеолошка промена по Мола Омер.
Тој нагласи дека доколку си стои на одлуката, Советот за безбедност при ОН ќе им дозволи на талибанците да постојат како политичка сила.
„Доколку Талибанците ја спроведат одлуката на Советот за безбедност при ОН, односно го прифатат авганистанскиот устав, се разоружаат и ги прекинат контактите со терористичките групи, ќе им се дозволи да бидат политичка сила во државата.
Всушност, ова за ова не дава дозвола ОН, туку ова право се добива, и талибанците го направија тоа. Тие велат дека ги имаат прекинато контактите со меѓународните терористички групи. Велат дека не можат да се разоружаат, бидејќи ќе ги уништат. Не го признаваат уставот бидејќи според нив треба повторно да го состават. Без разлика дали ни се допаѓа нам или не, талибанците се политичка вооружена сила. За тоа, зошто талибанците се силни како пред 15 години, треба да ги прашаме Американците“.
- „Заканата од ДЕАШ во регионот е на почетно ниво“
Кабулов рече дека ДЕАШ за првпат дошле пред две години во регионот, и сега тие се сконцентрирани на воспоставување инфраструктура во Авганистан, како и на доаѓањето до приходи. Според Кабулов, ДЕАШ на почетокот користела методи како во Сирија и во Ирак, но подоцна се сменила нивната тактика. „Претходно ДЕАШ се користеше со методи како во Сирија и во Ирак.
Подоцна ја сменија тактиката, почнаа да собираат поддршка и да прават инфраструктура. ДЕАШ почна да формира кампови и да шири пропаганда. Нудејќи им повеќе пари, собра милитанти од талибанската група. Нивната идеологија се поддржува со пари и имаа најмногу интерес од младите. Во Авганистан, бројот на припадниците на ДЕАШ е околу 2.500 лица.
Овие лица се групирани на теренот. Сегашната бројка не е голема, меѓутоа ако го земеме фактот дека до пред две години ги немаше, застрашувачко е ова темпо на раст за една меѓународна терористичка организација“, истакна Кабулов.
„ДЕАШ почна да бара извори на материјални средства, откако им се намалија оние од Сирија и од Ирак. Главниот извор на средства е дрогата. Поради ова, војната се случува заради контрола на лабораториите каде што има дрога“, вели тој. Кабулов потврди дека заканата од ДЕАШ во регионот е на почетно ниво и додаде оти доколку ДЕАШ дојде до својата цел, да привлече талибанци во своите редови, тоа ќе има лоши последици за Централна Азија.
- „Мисијата на САД во Авганистан е неуспешна“
Оценувајќи ја мисијата на САД во Авганистан како сосема неуспешна, Кабулов рече: „Се придружувам кон ставот дека Америка нема стратегија за Авганистан. Тие имаат единствена цел. Политички и со армија да бидат присутни во Авганистан. Авганистан е геополитичко место од каде што, преку Иран, Русија и Пакистан може да се контролира Кина. Оваа ситуација нѐ вознемирува“. Кабулов смета дека во Авганистан нема независно управување.
„Поради ова, одговорни за ваквата состојба се странските држави коишто се тука веќе 15 години. Нивните погрешни политики се причина за денешната слика. Колку и да е доцна, можно е да се најде решение. Но, ова мора да го направат тие што ги создадоа проблемите. Американците изјавија дека за иднината на Авганистан потрошиле 100 милијарди долари. Каде се? Нели требаше нешто да се види од тоа?“ рече тој.
Во врска со присутноста на Кина во Авганистан, Кабулов вели: „Кинезите имаат голем потенцијал од економски аспект. Интересите кон Авганистан им се значително економски и затоа можеме да ги оцениме како безгласна сила. Авганистан е од големо значење за економскиот проект на Кина – Патот на свилата“.
- Односите Русија – Пакистан
Кабулов истакна дека односите меѓу Русија и Пакистан се лоши поради инвазијата на СССР, но дека во последено време се подобруваат. „Моментално, односите со Пакистан одат по нагорна линија. Политичките односи се мошне добри. Немаме трговско-економски волумен, поради тоа што немаме заеднички проекти. Продолжува техничката соработка со армијата. Продадовме некои воени производи (опрема) на Пакистан. Тие сакаат да купат повеќе, меѓутоа со Пакистан ни се ограничени економските можности, поради тоа што не соработуваме на кредитен принцип“.
На крајот, тој нагласи оти го поддржуваат управувањето на Пакистан и дека се против секаква вооружена група.
„Пакистанските талибанци им се браќа на авганистанските талибанци, тие имаат само малку различни цели. Сметам дека, талибанците се закана за демократски Пакистан. Го поддржуваме управувањето на Пакистан и сме против секоја вооружена група. Исто така, пакистанските талибанци не се борат против ДЕАШ“.
news_share_descriptionsubscription_contact
