Hasan Esen
14 Ноември 2016•Ажурирај: 15 Ноември 2016
БРИСЕЛ (АА) - Министрите за надворешни работи на Европската Унија (ЕУ) соопштија дека воведуваат санкции над 17 сириски официјални лица и бизнисмени, меѓу кои и некои министри, поради насилна репресија врз цивили, јавува Anadolu Agency (AA).
На Советот на министри за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, донесена е одлука за воведување санкции против лица од Сирија. Донесена е одлука за замрзнување на финансиските средства и забрана за патување на 17 Сиријци, меѓу кои се и министерот за финансии на Сирија, Мамун Хамдан, министерот за нафта и рудно богатство Али Ганим и директорот на Централната банка во Сирија, Дураид Дургхам.
Одлуката се темели на одговорноста што овие лица ја сносат поради насилството кое се извршува во Сирија, поддршката што му ја даваат на режимот и заради добивањето корист од режимот.
Се очекуваше ЕУ да донесе една ваква одлука по нападите во Алепо. По воведувањето санкции за 10 лица на крајот од октомври, со овие 17 нови санкции, бројот на лица над кои се спроведуваат санкции се зголеми на 234. Покрај санкциите за лица, на листата на санкционирани се наоѓаат и 69 фирми.