Mehmet Tosun
06 Ноември 2019•Ажурирај: 07 Ноември 2019
АНКАРА (АА) - „Терористите на ПКК/ЈПГ во последните 24 часа извршија најмалку 11 напади, поголемиот дел со минофрлачи и противтенковски ракети, врз зоната на операцијата „Извор на мирот“ во северниот дел на Сирија“, се наведува од Министерството за одбрана на Турција, пренесува Anadolu Agency (AA).
На профилот на Твитер се споделени информации за последните случувања во регионот од операцијата „Извор на мирот“.
„Додека Вооружените сили на Турција во потполност го почитуваат договорот околу воспоставување на безбедносната зона, терористите на ПКК/ЈПГ продолжуваат со провокации во регионот на операцијата „Извор на мирот“. Терористите во последните 24 часа извршија 11 провокативни напади, поголемиот дел со минофрлачи и противтенковски ракети“, наведоа од турското Министерство.
Турција и Русија на 22 октомври во Сочи постигнаа договор за паузирање на турската операција за да можат терористите на ЈПГ/ПКК да се повлечат од пограничниот појас на Сирија. Договорено е и дека турските и руските сили заеднички ќе патролираат во ова подрачје, а првата таква копнена патрола е реализирана на 1 ноември на подрачјето меѓу Рас ал Ајн и Камишли.