Gökhan Ergöçün,Gökhan Yıldız
12 Октомври 2022•Ажурирај: 13 Октомври 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Авионите на електричен погон ќе стапат во употреба во рок од 5 или 10 години, почнувајќи од мали типови како што се такси-леталата, изјави за Агенција Анадолија (АА) челникот на „Ербас Туркије“ Сајмон Вард.
Тој нагласи дека во следните 10 години ќе бидат произведени и авиони со средна големина со хибридни мотори.
Истакнувајќи дека оперативниот систем на авионите со хибриден погон е сличен на оној на хибридните автомобили, Вард рече дека овие авиони користат електрична енергија за забрзување, што значи помалку согорено гориво и помала емисија.
„Ние сме многу активни на полето на електричните авиони. Реално, нема да помине долго време за да видиме авион на електричен погон. Авионските компании инвестираат многу во авиони кои користат помалку гориво“, рече тој.
Нагласувајќи дека воздухопловниот сектор бележи брз развој во процесот на закрепнување од пандемијата, Вард истакна дека особено Туркије закрепна многу брзо.
„Има огромна побарувачка за авионскиот сектор“, рече тој, додавајќи дека на цените на билетите влијаела и зголемената побарувачка и цените на нафтата.
„Цените се покачени затоа што не можеме да ставиме повеќе авиони во системот доволно брзо сходно растот на побарувачката.“
Тој очекува цените повторно да се намалат со намалувањето на нивото на побарувачката, намалувањето на цените на горивата и со авиони кои користат помалку гориво.
- Совршената лоцираност на Туркије -
Потенцирајќи ја позицијата на Туркије во воздухопловниот сектор, особено во Ербас, Вард рече: „Туркије буквално е центар на светот за авијацијата.“
„Не можете да изберете посовршена локација од онаа на Туркије“, рече тој и нагласи дека земјата има добра инфраструктура на аеродромите и во географска смисла луѓето можат да стигнат до три четвртини од светската популација за четиричасовен лет.
Вард рече дека има скок во побарувачката за воздушни летала бидејќи Туркије ја има главната рута во Русија, така што побарувачката за летови на „Туркиш ерлајнс“ и „Пегасус ерлајнс“ се зголеми поради руската криза.
Осврнувајќи се на Руско-украинската војна, Вард рече дека „Ербас“ продавал авиони на Русија, но дека веќе нема да го прави тоа, дури престана да ја обезбедува и со резервни делови.
„Во моментов, целосно го блокиравме снабдувањето на Русија“, истакна Вард.