Tuba Şahin
14 Декември 2020•Ажурирај: 15 Декември 2020
АНКАРА (АА) - Со 30-годишен животен век, турскиот сателит од петтата генерација, „Турксат 5А“, ќе ги осигури правата на Турција во орбитата, изјави извршниот директор на „Ербас“ (Airbus) за Агенција Анадолија (АА).
Жан-Марк Наср, директорот за вселенските системи во „Ербас“, истакна: „Турксат 5А ќе ги обезбеди правата на Турција во орбитата“.
Цитирајќи го договорот за производство на „Турксат 5А“ склучен меѓу Турксат и „Ербас Дефенс енд Спејс“ (Airbus Defense and Space), Наср рече дека производството на сателитот започнало веднаш по потпишувањето на договорот на 9 ноември 2017 година.
„Крајната фаза на интеграција на сателитот е завршена и покрај пандемијата на Ковид-19“, нагласи Наср, додавајќи дека можно е да тој биде лансиран на крајот на овој месец.
„Сепак, датумот на лансирање може да биде одложен поради различни причини, меѓу кои и метеоролошките, како и техничките услови за лансирање“, истакна тој.
„Најновите технологии што се користат во сателитите од петтата генерација овозможуваат значително зголемување на животниот век на сателитот, истовремено намалувајќи ја тежината за лансирање“, рече Наср.
Тој додаде дека „Турксат 5А“ ќе може да извршува посеопфатни операции благодарение на неговиот подолг век на траење.
„Капацитетот на турскиот сателит од петта генерација Турксат 5А ќе се зголеми за 45 отсто, а неговиот животен век ќе биде двапати подолг во споредба со претходните генерации“, истакна Наср.
Потенцирајќи дека сателитот ќе биде поставен во фиксна орбита со опсег на емитување на 31 источен меридијан, Наср рече дека при лансирањето тој ќе тежи 3,5 тони.
Тој ги пофали напорите на Турксат и на турските инженери, кои со месеци се вклучени во производството на сателитот: „Нашите односи со Турксат се засноваат на доверба и професионализам.“
„Ние работиме со многу квалификувани инженери и учиме многу едни од други.“
Жан-Марк Наср нагласи дека фактот што производството продолжува и покрај блокадите на економијата поради коронавирусот и ограничувањата на патувањата, ја покажува соработката и заемната доверба меѓу двете компании.
Турција во 2017 година потпиша договор со „Ербас“ за производство на комуникациските сателити Турксат 5А и Турксат 5Б. Земјата работи и на Турксат 6А, кој ќе се произведува во Турција.