Rabia İclal Turan
14 Декември 2020•Ажурирај: 15 Декември 2020
АНКАРА (АА) - Германската компанија „КјурВак“ („CureVac“) дојде до финалната фаза од клиничкото испитување на вакцината против Ковид-19 под називот „CVnCoV“, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Повеќе од 35.000 волонтери од Европа и Латинска Америка би требало да учествуваат во испитувањето, кое веќе ги има првите испитаници“, соопшти компанијата.
Учесниците на испитувањето од 18 и повеќе години ќе примат две дози вакцини или плацебо суптанции без терапевтски ефект.
„Досега испитаната клиничка безбедност и имунитет ветуваат, а ние се надеваме дека во текот на испитувањата и понатаму ќе биде докажано влијанието на технологијата mRNA и нашите вакцини во превенцијата на Ковид-19, како и дека ќе помогнат да се победи пандемијата“, изјави директорот на компанијата „КјурВак“, доктор Франц Вернер Хас.
Доколку испитувањата бидат успешни, „КјурВак“ ќе стане втора германска фирма со вакцина против Ковид-19, по компанијата „БајоНтек“, која со американската компанија „Фајзер“ веќе ја произведе вакцината што ја одобрија Соединетите Американски Држави (САД) и Обединетото Кралство, а за која се чека да ја одобри и Европа за итна употреба.