Aysu Biçer
23 Август 2023•Ажурирај: 24 Август 2023
ЛОНДОН (АА) - Хируршки тим во Оксфорд денес успешно изврши прва трансплантација на матка во Велика Британија, јавува Анадолу.
Оваа процедура им нуди трошка надеж на жените што се родени без функционална матка, давајќи им можност да доживеат бременост и породување.
Универзитетските болници Оксфорд соопштија дека 34-годишната жена примател и донаторот на матката, нејзината сестра, по процедурата се во добра здравствена состојба.
Примателката има намера есенва да се подложи на ин витро оплодување користејќи ембриони зачувани со нејзиниот сопруг.
Хируршкиот тим во оваа историска операција е воден од хирурзи експерти од Империал колеџот за здравство и Универзитетските болници Оксфорд.
„Ова е првпат во Обединетото Кралство, по повеќе од 25 години истражување, и беше можно само благодарение на сестрата на пациентката која изрази желба и беше подготвена да биде донатор“, изјави професорот Ричард Смит, основач и претседател на добротворната организација „Womb Transplant UK“.
„Сè уште е многу рано, но ако сè оди добро, се надеваме дека примателката ќе продолжи да напредува и ќе биде во состојба да има бебе во наредните години. Благодарни сме ѝ на добротворната организација ‘Womb Transplant UK’ за финансирањето на трансплантацијата и на нашите високоталентирани колеги за нивното време и експертиза во текот на многуте години.“
„Секоја понатамошна трансплантација ќе зависи од подготвеноста на соодветните донатори и финансирањето на операциите што оди преку 'Womb Transplant UK'. Сепак, се надеваме дека ќе можеме да им помогнеме на останатите жени родени без или со недоволно развиени матки во блиска иднина.“
Приближно една од секои 5.000 жени во Велика Британија се раѓа без функционална матка, поради што не можат да забременат и да родат деца.
Исто така, голем број жени морале да се подложат на операции за отстранување на матката поради различни здравствени проблеми, меѓу кои и канцер и ендометриоза.
Иако ова е прва трансплантација на матка во Велика Британија, во светот досега се реализирани околу 100 такви процедури по кои се родени речиси 50 бебиња.