Ekipa
26 Ноември 2022•Ажурирај: 27 Ноември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за здравство на Северна Македонија, Беким Сали, објави дека е извршена првата трансплантација на црн дроб од починат донор во историјата на македонското здравство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Преку објава на Фејсбук, Сали соопшти дека на Клиниката за дигестивна хирургија, 60-годишен пациент со хронично заболување на црниот дроб добил здрав орган од пациентка во мозочна смрт чие семејство се согласило да ги донира органите. Тој рече и дека покрај црн дроб, се вршат и трансплантации на бубрези кај двајца пациенти со бубрежна болест.
„Од мое лично име и од името на целиот персонал вклучен во трансплантациите да се заблагодарам на семејството на донорот и на нивната одлука да спасат не еден, туку три животи. Ни покажаа уште еднаш дека живот може да се подари“, истакна Сали.
Тој им се заблагодари и на сите медицински тимови вклучени во трансплантацијата.
„Особена благодарност до професор Зоран Караџов и неговиот тим, како и тимот на Клиниката за гастроентерохепатологија, кои испишаа нов лист не само во делот на дигестивната хирургија туку и во целокупното здравство“, истакна министерот за здравство, Беким Сали.