наука и технологија, Коронавирус

Универзитетот „Оксфорд“ вакцината што ја разви ќе ја произведува во Аргентина и Мексико

- Во Аргентина регистриран најголемиот број на заразени во еден ден

Muhammed Emin Canik  | 13.08.2020 - Обновена : 13.08.2020
Универзитетот „Оксфорд“ вакцината што ја разви ќе ја произведува во Аргентина и Мексико

БУЕНОС АИРЕС 

Претседателот на Аргентина, Алберто Фернандез, соопшти дека вакцината против Ковид-19 што ја разви Универзитетот „Оксфорд“ ќе се произведува во Аргентина и Мексико, јавува Агенција Анадолија (АА).

Фернандез одржа прес-конференција на која соопшти дека вакцината против новиот тип на коронавирус што е развиена во соработка на Одделот за вакцини на „Оксфорд“ и Институтот „Џенер“ и се наоѓа во третата фаза на тестирање, за земјите од Латинска Америка ќе се произведува во Аргентина и Мексико.

Претседателот Фернандез истакна дека вакцината чиј финален производ се проценува да биде готов во првата половина на 2021 година, за потребите на земјите на Латинска Америка, без Бразил, ќе биде произведена во 150 до 250 милиони дози.

Фернандез соопшти дека цената на вакцината за една доза би требало да изнесува меѓу 3 и 4 долари, информирајќи дека благодарение на договорот што Фондацијата „Карлос Слим“ со седиште во Мексико го постигнала со оние што ја развиваат вакцината, таа многу порано ќе пристигне во земјите од Латинска Америка.


- Бразил претходно се договори

Прототипот на вакцината под име „ChAdOx1 nCoV-19“, развиен од Одделот за вакцини на „Оксфорд“ и Институтот „Џенер“, чија лиценца за производство е купена од страна на британско-шведската фармацевтска куќа „Астра Зенека“ (AstraZeneca) кон крајот на јуни, започна да се тестира на луѓето во Бразил.

Доколку вакцината биде успешна, ќе се произведува и во Бразил, и во првата фаза Бразил ќе може да купи 100 милиони дози од оваа вакцина.

Од друга страна, турскиот научник проф. д-р Угур Шахин, оснивачки партнер во биотехнолошката компанија „Бајонтек“ (BioNTech), која во соработка со американската компанија „Фајзер“ (Pfizer) ја разви вакцината „BNT162“ против Ковид-19, на 10 август го започна тестирањето на вакцината врз луѓе во Аргентина.


- Пандемијата во Аргентина на највисоко ниво

Според податоците што ги објави Министерството за здравство на Аргентина, во последните 24 часа од последици предизвикани поради заразувањето со Ковид-19, животот го загубиле 209 лица, со што вкупниот број на смртни случаи во земјата се искачи на 5.123. Во истиот период детектирани се 7.663 позитивни на новиот тип коронавирус, со што вкупниот број на заразени се зголеми на 268.574.

Тоа претставува најголема бројка случаи на заразување со коронавирусот во Аргентина детектирани во еден ден.

Во покраината Буенос Аирес која се карактеризира со густа населеност, детектирани се 166.395 случаи на заразување, додека само во главниот град Буенос Аирес бројката на лица позитивни на коронавирусот изнесува 73.466, со што овие подрачја се најмногу погодени од пандемијата на Ковид-19 во земјата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.