наука и технологија, економија

Фејсбук има за цел да го легализира користењето или продавањето на податоците од корисниците на Ватсап

„Платформата за социјални медиуми веќе ги има податоците на корисниците, но сега се обидува легално да може ги користи и продава податоците за реклами“

Gökhan Ergöçün  | 12.01.2021 - Обновена : 13.01.2021
Фејсбук има за цел да го легализира користењето или продавањето на податоците од корисниците на Ватсап

ИСТАНБУЛ (АА) - ГОКХАН ЕРГОЧУН -

Експертот за дигитални медиуми Набат Гараханова, опишувајќи ги податоците како највредното нешто во денешниот свет, рече дека што се однесува до прашањата за приватноста, целосна безбедност на интернет нема, пишува Агенција Анадолија (АА).

Цитирајќи ја популарната апликација за пораки Ватсап (WhatsApp) во однос на новите правила за приватност, таа препорача луѓето да изберат непрофитни апликации со отворен извор, а не оние што доаѓаат од компании.

Минатата недела, апликацијата за пораки, Ватсап, принуди многу корисници да се согласат на новите правила за приватност во однос на споделувањето на своите лични податоци со компаниите на Фејсбук. Корисниците нема да можат да ја користат апликацијата доколку не ги прифатат условите.

Одговарајќи на прашањата на Агенција Анадолија, Гараханова, инаку доктор по дигитални комуникации, изјави дека платформата за социјални медиуми „Фејсбук“ не наложува ваков вид обврски во многу земји, како што се земјите од ЕУ, но компанијата се обидува да спроведе собирање податоци, па затоа веројатно ги потценува Турција и нејзините закони.

Таа истакна дека Фејсбук вовел нови правила за приватност за комерцијалните корисници.

„Имаше многу дискусии за употребата на податоците што ги имаат претходно, но како барање на Општата регулатива за заштита на податоците во земјите на ЕУ и Законот за заштита на личните податоци во нашата земја [Турција], Ватсап мораше да добие дозвола за употреба на нашите податоци“, рече Гараханова, која исто така раководи со консултантската фирма „Мезо дигитал“.

„Платформата за социјални медиуми веќе ги има податоците на корисниците, но сега се обидува легално да може ги користи и продава податоците за реклами“, додаде таа.

Потсетувајќи дека Фејсбук беше обвинет за манипулирање со гласовите на претходните избори во Соединетите Американски Држави (САД), таа истакна дека личните податоци можат да се користат за градење и менаџирање со перцепцијата.

Гараханова рече дека Фејсбук не ги спроведува истите правила во ЕУ најверојатно поради страв да не биде санкциониран поради прецизноста на Унијата за заштита на личните права.

„Претходно, Франција и Велика Британија ги предупредија своите граѓани за користењето податоци на Ватсап од страна на Фејсбук“, рече таа.

Додаде дека Турција исто така треба силно да реагира во врска со промената на правилата за приватност од страна на овие компании за социјални медиуми.

Во меѓувреме, Турската управа за заштита на конкуренцијата ги суспендираше новите правила на Ватсап за споделување податоци и отвори истрага за апликацијата за пораки и за Фејсбук.

„Во овој контекст, Фејсбук мора да го прекине споделувањето на податоците и да го објави својот потег до сите корисници“, соопшти Турската управа.

- Алтернативи -

Истакнувајќи дека не постои целосна безбедност на интернет, Гараханова вели дека и алтернативните апликации исто така ќе имаат неколку узурпирања кога станува збор за личните податоци.

Таа препорача луѓето да изберат непрофитни апликации со отворен извор, наместо оние што доаѓаат од компании.

„За жал, ние обично не ги читаме правилата изнесени од апликациите. Многу апликации бараат ирелевантни дозволи на нашите уреди и ги споделуваат нашите податоци“, рече таа.

Потсетувајќи дека Гугл ја има и најголемата база податоци на глобално ниво, Гараханова порача дека корисниците треба да бидат внимателни при давањето согласност.

По новите правила на Ватсап, неколку турски корисници се префрлија на други алтернативи, како што се Телеграм, Сигнал и локално развиените Бип и Деди.

Големата турска компанија од одбранбената индустрија „Хавелсан“ исто така разви безбеден софтвер за пораки, наречен „илети“, дизајниран за корпоративна комуникација со вајт-бокс криптографија за првпат во светот. Овој вид криптографија комбинира методи на криптирање и вметнување тајни клучеви во кодот на апликацијата, што го отежнува узурпирањето на податоците.

- Експлоатација -

Друг експерт за комуникации, Берин Калсин, рече дека корисниците на Ватсап се незаконски принудени да прифаќаат нови правила. Таа рече дека злоупотребата на податоците станала друга форма на експлоатација во денешницата.

Таа додаде дека Елон Маск, извршниот директор на неколку технолошки компании, меѓу кои и „Тесла“ и „Спејс икс“, ја понудил алтернативната апликација „Сигнал“.

Турските власти, вклучително и претседателот Реџеп Таип Ердоган, ги повикаа граѓаните повеќе да не користат Ватсап.

„Во однос на приватноста на податоците, разликата помеѓу ЕУ и другите земји е неприфатлива“, рече Али Таха Коч, шефот на Канцеларијата за дигитална трансформација на Турција.

Руските власти, исто така, ги предупредија граѓаните за прифаќањето на правилата на Ватсап и предложија бришење на апликацијата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.