Barış Seçkin
11 Декември 2020•Ажурирај: 13 Декември 2020
РИМ (АА) - Научна студија спроведена во Италија откри дека новиот вид коронавирус (Ковид-19) веќе бил присутен на северот на Италија во ноември 2019 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според студијата на Универзитетот во Милано објавена во списанието „Emerging Infectious Diseases“, Ковид-19, исто така познат како „SARS-CoV-2“, бил присутен во земјата три месеци пред 21 февруари 2020 година, кога беше регистриран првиот официјален случај на Ковид-19 во земјата.
Според истражувањето, примерокот од брисеви земен од четиригодишно дете кое живее во близина на Милано е 100 отсто компатибилен со вирусот што избувна во Вухан, Кина.
Исто така се истакнува дека детето ги покажало првите симптоми како што се „кашлица и течење на носот“ на 21 ноември, и било пренесено на Одделот за итни случаи поради „повраќање и респираторни проблеми“.
При нивната прва дијагноза, докторите се сомневале дека е „сипаница“, но како резултат на направените тестови подоцна е откриено дека детето имало Ковид-19.
- Ковид-19 најмногу ја погоди Италија при првиот бран -
Во друга студија претходно спроведена во Италија се наведе дека се пронајдени траги од Ковид-19 во примероците на отпадни води земени од канализациите на градовите Милано и Торино во декември 2019 година.
Епидемијата на Ковид-19 во првиот бран, по Кина, најмногу ја погоди Италија.
Од 21 февруари, кога официјално започна епидемијата во Италија, најмногу починати беа регистрирани во регионот Ломбардија, вкупно 23.449.
Во земјата се регистрирани вкупно 1.787.147 случаи Ковид-19, а починаа 62.626 лица.