Соларните панели стануваат задолжителни за сите нови домови во Велика Британија
Регулативите ги врежуваат обновливите извори на енергија и електричното греење како стандарди во новите станбени објекти, при што официјалните лица тврдат дека тоа ќе ги заштити домаќинствата од нестабилните глобални енергетски пазари
БИРМИНГЕМ (АА) - Градежните инвеститори во Велика Британија ќе бидат обврзани да инсталираат соларни панели и системи за греење со ниска емисија на јаглерод, вклучително и топлотни пумпи, во сите нови домови според сеопфатните владини регулативи насочени кон намалување на сметките за енергија и зависноста од фосилни горива, јавува Анадолу.
Британската Влада денес најави дека со регулативите кои се дел од „Стандарди за домовите на иднината“, се наложува сите нови објекти изградени до 2028 година да бидат опремени со кровни соларни панели и да не бидат поврзани на гасоводната мрежа. Наместо тоа, домовите ќе се потпираат на топлински пумпи или мрежи.
Регулативите ги врежуваат обновливите извори на енергија и електричното греење како стандарди во новите станбени објекти, при што официјалните лица тврдат дека тоа ќе ги заштити домаќинствата од нестабилните глобални енергетски пазари.
Министерот за енергетика, Ед Милибенд, изјави дека геополитичката нестабилност, вклучително и конфликтот на Блискиот Исток, ја нагласила потребата од чиста енергија.
Според регулативите, повеќето нови домови ќе имаат соларни панели што ќе покриваат значителен дел од кровната површина. Владата соопшти дека овие измени би можеле да ги намалат сметките за енергија на домаќинствата за стотици фунти годишно, како и емисиите на јаглерод за околу 75 отсто во споредба со претходните стандарди.
Министерот за станбени прашања, Стив Рид, изјави дека оваа политика ќе осигури новите домови да бидат „поевтини за одржување и потопли за живеење“.
Лидерите на енергетската индустрија во голема мера го поздравија овој чекор, истакнувајќи дека тој обезбедува транспарентност за инвестиции и ја одразува растечката побарувачка за чисти технологии.
Грег Џексон, основач на „Октопус Енерџи“, изјави дека интересот за соларни и топлотни пумпи доаѓа од почетокот на конфликтот со Блискиот Исток, додавајќи дека „секој соларен панел, топлотна пумпа и батерија ги намалува сметките и ја зајакнува британската енергетска независност”.
Крис Норбери, извршен директор на „Е.ОН Обединето Кралство“, изјави дека поедноставувањето на регулативите за помалите соларни системи со едноставно приклучување (plug-in) е „охрабрувачки чекор“ што може да им помогне на потрошувачите да преземат поголема контрола врз сопствената потрошувачка на енергија и да имаат корист од новите тарифи и технологиите за производство на енергија во домовите.
Крис О’ши, извршен директор на „Центрика“, изјави дека стандардите ќе осигурат новите домови уште при нивната изградба ќе ги интегрираат соларните системи, греењето со ниска емисија на јаглерод и паметните системи, со што ќе се намали вкупната потрошувачка на енергија.
Покрај поддршката, инвеститорите изразија загриженост во поглед на трошоците и изводливоста, проценувајќи дека новите побарувања би можеле да додадат околу 10.000 фунти во цената за секој дом, предупредувајќи дека некои објекти може да имаат тешкотии да ги исполнат целите за покриеност со соларни панели.
Владата соопшти дека ќе се применуваат исклучоци во случаи каде што инсталацијата е непрактична.
Ова вклучува и планови за воведување соларни панели со едноставно приклучување (plug-in) за домаќинствата, кои може да се инсталираат без професионална монтажа и се очекува да бидат достапни во продавниците низ Обединетото Кралство во рок од неколку месеци.
Во целост, регулативитеозначуваат значителен пресврт во политиката на домувањето, со што производството на обновлива енергија и греењето со ниска емисија на јаглерод диоксид стануваат стандардни карактеристики на новите домови, додека Велика Британија ја забрзува својата транзиција подалеку од фосилните горива.
