наука и технологија

Кодирањето од рана возраст обезбедува доживотни придобивки

„Децата низ светот започнуваат со кодирање на 3 години, а со роботика на 5 години“

Gözde Bayar  | 28.01.2020 - Обновена : 29.01.2020
Кодирањето од рана возраст обезбедува доживотни придобивки

АНКАРА (АА) - Учењето како да кодираат во порана возраст ги прави децата посамоуверени, ориентирани кон резултати и кон креативност, велат турските експерти.

„Децата не учат само како да кодираат, туку и ги подобруваат своите лични вештини“, изјави за Агенција Анадолија социологот Есра Кескин од Академијата за кодирање „Maker Codes“ во Истанбул.

„Кога децата создаваат свои игри и роботика, тоа ја зголемува нивната самодоверба и нивната среќа, ги задоволува нивните амбиции и ја зголемува креативноста“, вели Кескин.

„Тие по една или две години учење на кодирањето стануваат поединци ориентирани кон резултатите, и станаа добри во менаџирање на времето, како и во алгоритмичкото размислување“, додаде таа.

Волкан Кескин, коосновачот на „Maker Codes“, истакна дека децата што учат кодирање исто така напредуваат и во математиката.

„Кодирањето ја подобрува способноста на децата за аналитичко размислување, кое понатаму води до побрзо учење на математиката“, вели Волкан.

Есра нагласи дека учењето кодирање не само што позитивно делува врз совладувањето на училишните содржини, туку има таков ефект и во приватниот живот на децата.

„Колку порано ќе ги охрабриме децата за аналитичко размислување, толку попродуктивни стануваат“, додаде таа.

„Децата низ светот започнуваат со кодирање на 3 години, а со роботика на 5 години“, рече таа, додавајќи дека бројот на невроните во мозокот се намалува како што растеме, што го забавува процесот на учење.

Кескин вели дека семејствата се свесни за важноста на кодирањето, давајќи примери за Елон Маск, Марк Зукерберг и Бил Гејтс, кои со технологијата почнале да се занимаваат од рана возраст.

- Роботика -

„Опкружени сме со уреди контролирани од компјутери, како фрижидерите, правосмукалките и шпоретите“, рече Волкан Кескин, осврнувајќи се на иднината на роботските технологии.

„Без да знаеме како да го користиме Интернетот на нештата (IoT), нема да можеме да го одржиме нашиот секојдневен живот“, додаде тој.

Но и покрај тоа што технологијата станува подостапна, а пристапот до интернет станува сеприсутен, Кескин рече дека некои деца сè уште се колебливи во користењето на технологијата.

„Нашата мотивација е да го прошириме кодирањето, науката и технологијата во областите каде што училиштата се недостаточни“, рече тој.

Пофалувајќи ги сите напори за ширење на едуцирањето за кодирање, тој рече дека турските власти спроведуваат успешни проекти, вклучително и технолошки работилници во земјата.

„Но, сепак, потребна ни е поголема стандардизација кај инструкторите“, истакна коосновачот на „Maker Codes“.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.