Gözde Bayar
15 Декември 2021•Ажурирај: 17 Декември 2021
АНКАРА (АА) – Вселенско летало на НАСА влезе во сончевата атмосфера, со што дел од човековата технологија за првпат во историјата го „допре“ Сонцето, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Соларната сонда „Паркер“ на НАСА прелета низ горната атмосфера на Сонцето - корона - и таму зеде примероци од честички и магнетни полиња“, се вели во соопштението на американската Вселенска агенција.
Ова ќе им помогне на научниците да откријат клучни информации за Сонцето и неговото огромно влијание врз Сончевиот Систем, чиј е центар и убедливо најголем објект.
„Не само што оваа пресвртница ни дава подлабок увид во еволуцијата на нашето Сонце и неговите влијанија врз нашиот Сончев Систем, туку сè што учиме за нашата сопствена ѕвезда, исто така, нè учи повеќе за ѕвездите во остатокот од универзумот“, рече Томас Зурбухен, соработник-администратор на Дирекцијата за научна мисија во седиштето на НАСА во Вашингтон.
Податоците што доаѓаат ќе им овозможат на научниците да погледнат во регионот што е клучно за прегревање на короната и туркање на сончевиот ветер до суперсонични брзини.
Соларната сонда „Паркер“ беше лансирана во 2018 година за да ги истражува мистериите на Сонцето патувајќи поблиску до него од кое било вселенско летало досега.
Три години по лансирањето и децении по првата концепција, „Паркер“ конечно пристигна.
Леталото треба да го заобиколи Сонцето дваесет пати во текот на седум години.