Emre Aytekin
13 Март 2017•Ажурирај: 14 Март 2017
АНКАРА (АА) – Националната администрација за аеронаутика и вселена (НАСА) успеа да ја открие локацијата на извидувачкиот сателит на Индиската организација за вселенско истражување (ИСРО), кој пред 8 години го изгуби контактот со Земјата, додека беше во орбитата на Месечината, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на НАСА се вели дека напредниот копнен радарски систем на оваа институција стациониран во опсерваторијата„ Голдстоун“ во Калифорнија, повторно во орбитата на Месечината го лоцирал индискиот сателит Чандрајан-1, кој пред 8 години го загуби контактот со Земјата.
Со цел да ја лоцира положбата на Чандрајан -1, истражувачката екипа со помош на гигантската антена со пречник од 70 метри испратила микробранови зраци кон едно место на поларната орбита на Месечината каде што претпоставувале дека ќе помине сателитот, и успеале одново да ги фатат радарските сигнали на сателитот.
Екипата што веќе 3 месеци ги следи овие сигнали, успеа да контактира со сателитот, пренасочувајќи ги сигналите кон телескопот „Грин банк“ на НАСА, стациониран во Источна Вирџинија, и кон опсерваторијата Аресибо во Порторико.
Прецизното лоцирање на положбата на еден мал сателит со димензии 1,5 на 1,5 метри во орбитата на Месечината, од страна на еден копнен радарски систем ќе има голем придонес за идните патувања на Месечината.
Чандрајан-1 во 2008 година беше лансиран во орбитата со цел да ја нацрта геолошката и хемиската мапа на површината на Месечината. Но мисијата на сателитот, која беше планирана да трае 2 години, беше прекината во 10. месец од лансирањето, поради настанатите дефекти на некои сензори и оштетувањата на термичкиот штит. На 28 август 2009 година, во потполност беше загубен контактот со Земјата.