Ahmet Gürhan Kartal
14 Октомври 2019•Ажурирај: 14 Октомври 2019
ЛОНДОН
За добитници на Нобеловата награда од областа на економските науки за 2019 година се прогласени Абхит Бенерџи, Естер Дуфло и Мајкл Кремер, поради нивниот експериментален пристап кон ублажување на глобалната сиромаштија, соопшти Шведската кралска академија на науки, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во образложението на Шведската академија се наведува дека со своите истражувања тројцата лауреати значајно ја подобриле способноста во борбата против глобалната сиромаштија.
„За само две децении, нивниот нов пристап заснован на експерименти, ја трансформираше развојната економија, што е поле на истражување во процут. Овогодишните лауреати воведоа нов пристап на добивање веродостојни одговори за најдобрите начини за борба против глобалната сиромаштија. Како резултат на една од нивните студии, повеќе од 5 милиони деца во Индија имале корист од програмата за подучување во училиштата“, се наведува, меѓу останатото, во образложението на Академијата на науки.
Наградата во областа на економските науки, која е воведена значително подоцна и не е предвидена со Нобеловиот тестамент, се доделува последна.
Претходно беа прогласени добитниците на наградата за физиологија или медицина, хемија, книжевност и мир. Свеченоста на доделување на наградата се одржува на 10 декември, на денот кога почина Алфред Нобел.