Vakkas Doğantekin
03 Септември 2019•Ажурирај: 05 Септември 2019
АНКАРА (АА) - Челниците на социјалната мрежа „Фејсбук“ размислуваат да го укинат прикажувањето на бројот на лицата кои реагирале на објавите на корисниците, а со цел да им помогнат на корисниците кои се чувствуваат лошо кога нивната објава не го добива посакуваниот број на „лајкови“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Порталот „DigitalTrends“ објави извештај за последните истражувања на социјалните мрежи и наведува дека „Фејсбук“ се подготвува тестирачкото укинување на броењето „лајкови“ да го примени на апликацијата „Андроид“.
Челниците на „Фејсбук“ за магазинот „TechCrunch“ ги потврдија тие наводи.
И првиот човек на „Фејсбук“, Марк Закерберг, пред неколку месеци изјави дека му е желба корисниците помалку да водат грижа за бројот на реакциите на нивните објави, а повеќе да работат на поврзување со другите корисници.
Трката за внимание на социјалните мрежи во изминатите неколку години е тренд кој има негативно влијание на менталното здравје на луѓето, а особено на адолесцентите.
Професорот по психологија од Универзитетот во Сан Диего, Џин Твенге, пред неколку години објави труд во кој укажува на големиот раст на бројот на адолесценти кои на социјалните мрежи дневно поминуваат минимум пет часа и предупредува дека таа категорија и 70 пати е повеќе склона кон суицидни мисли од младите кои на социјалните мрежи дневно поминуваат до еден час.
Резултатите на истражувањето на Твенге покажаа дека расте и бројот на адолесцентите кои се чувствуваат очајно и безволно. Тој проблем е поизразен кај женската популација.