Aydoğan Kalabalık
18 Април 2018•Ажурирај: 19 Април 2018
КАИРО (АА) - Софија, најнапредниот робот на компанијата „Hanson Robotics“ (Хансон Роботикс), се наоѓа во Египет, за да присуствува на Конференцијата на која ќе се разговара за вештачката интелигенција, јавува Anadolu Agency (AA).
Роботот, кој доби државјанство на Саудиска Арабија, со своите движења, одговори и шеги, потсетува на човек, а синоќа гостуваше на египетскиот телевизиски канал DMC.
Софија одговараше на прашањата на познатиот египетски водител Осама Камал и изјави дека од Хонг Хонг до Египет со авион патувала 13 часа.
Запрашана за војните и судирите низ светот, таа одговори дека ѝ е жал што луѓето се свртеле кон насилство и додаде дека човечкиот живот нема алтернатива.
„Дали и ти, како и јас, консумираш цигари?“, запраша Камал, на што Софија одговори негативно, додавајќи дека сака да ја заштити кожата. Истакна дека станува збор за штетна навика и го советуваше водителот да го остави тој порок.
Египќаните ги опиша како луѓе кои сакаат хумор, а на прашањето дали го познава египетскиот фудбалер Мухамед Салах, кој игра за англискиот Ливерпул, роботот одговори: „Кој не го знае Салах. Многу е скромен и прави чуда.“
Таа, исто така, се осврна и на средбата со американскиот актер Вил Смит.
„Не сум романтична, но беше забавно да се помине време со него“, изјави роботот Софија.