Ivana Ramadanova
18 Април 2018•Ажурирај: 19 Април 2018
СКОПЈЕ (АА) - Македонија денеска и утре е домаќин на Првиот дигитален самит на земјите од Западен Балкан, кој е првиот од серијата настани од овој тип што ќе бидат организирани на годишно ниво, а на кој присуствуваат премиери, владни претставници, бизнисмени, претставници на ЕУ, регионални организации и академската заедница, јавува Anadolu Agency (AA).
Самитот официјално беше отворен од страна на премиерот Зоран Заев кој пред присутните истакна дека овој собир ќе придонесе за земјите од регионот уште посилно да се поврзат со новата технологија и да ја искористат за уште подобра и поцврста соработка.
Тој посочи дека Владата ќе обезбеди повеќе буџетски средства за остварување на оваа цел, истовремено покажувајќи поготвеност Владата да учествува во покривање на загубата на мобилните оператори која би била направена преку евентуално намалување на цените на услугите.

„Дигитализацијата е можност која не теба да се пропушти ако сакаме да обезбедиме иднина. Регионалната соработка има клучно значење во поврзувањето на граѓаните и државите на Западен Балкан. Таа регионална соработка доби суштина со Берлинскиот процес, а особено со усвојувањето на планот во Трст“, изјави Заев.
Еврокомесарката за дигитална економија и општество Марија Габриел која зборувајќи за придобивките на дигиталната трансформација и револуција за животот на граѓаните, истакна дека засилено се работи на изработка на Дигиталната агенда за Западен Балкан, која е дел од стратегијата на ЕУ за проширување за Западен Балкан 2025.
Таа предупреди дека овој процес нема да биде лесен, и дека клучни точки кон остварување на истата ќе биде обезбедување на средства, подготвеност на јавната администрација, интернет инфраструктурата, но и зголемувањето на довербата на граѓаните во дигиталниот свет.
Ја поздравувам волјата на мобилните оператори од регионот кој учествуваат во конструктивните дијалози за намалување на цените на роамингот, кој во земјите од Западен Балкан и ЕУ се многу високи. Прашањето за роамингот е неопходно и корисно за бизнисот и граѓаните, рече Габриел која најави дека за намалувањето на цените на роамингот ќе биде соопштено на самитот во Софија.
Свое обраќање имаше и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, кој рече дека постои политичка волја кај сите земји од Западен Балкан и дека за првпат дигиталната трансформација се наоѓа толку високо на политичките агенди, што го искоментира како знак дека и политичарите се промениле.
Од дводневниот самит се очекува да произлезе заедничкото барање до Европската комисија за меѓусебно признавање на дигиталните сертификати, односно дигиталните потписи и печати. На самитот присуствуваат претставници на ЕУ, на владите од Западен Балкан, бизнисите, регионалните организации, граѓанското општество, академската заедница.
Во текот на двата дена ќе се разговара за намалување на цените на роамингот, кибербезбедноста, за зголемувањето на дигиталните вештини на граѓаните и меѓусебното дигитално поврзување на земјите од регионот.
Дигиталниот самит на Западен Балкан е дел од Берлинскиот процес и има за цел регионална координација и приближување на регионот до Европа.
На Самитот присуствуваат и претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ и косовскиот премиер Рамуш Харадинај.
Во склоп на Самитот, денеска беше отворен и Експо дел во кој компаниите од дигититалната сфера ќе ја презентираат својата работа, а ќе се одржи и Камп за старт-ап компании, како и конференција посветена на лажните вести.