Saimir Alija
18 Април 2018•Ажурирај: 19 Април 2018
ТИРАНА (АА) - Еден ден откако Европската комисија донесе Одлука за препорака за отворање преговори за членство на Албанија во ЕУ, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини, допатува во официјална посета на Тирана, каде што се сретна со високи претставници на земјата. На средбите изјави дека Албанија е подготвена за отворање на преговорите со ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
Могерини се состана со премиерот на Албанија, Еди Рама, а по средбата одржаа заедничка прес-конференција, на која Рама истакна дека постигнувањето на резултатот за добивање препорака на Европската комисија за отворање на преговорите за членство на Албанија во ЕУ е поврзано со неуморната работа на Федерика Могерини за зајакнување на мостот меѓу ЕУ и Западен Балкан.
- Албанија ги исполни условите кои беа поставени со последната препорака -
Могерини нагласи дека оваа препорака е резултат на една заедничка и колективна работа, и рече дека Албанија ги исполни претходно поставените услови.
„Горда сум што денес сум во можност во Тирана да ја донесам Одлуката за позитивна препорака, Албанија да ги започне преговорите за интеграција во ЕУ, за првпат во нејзината историја, која Европската комисија ја донесе вчера. Ова беше резултат на една колективна работа. Ова е една општа одговорност за понатамошно извршување на работата“, рече Могерини.
Според Могерини, оценката на Комисијата јасно вели дека Албанија ги исполнила условите кои биле поставени со последната препорака, и според тоа, таа е подготвена за отворање на преговорите.
Осврнувајќи се на улогата на Албанија во регионот, Могерини истакна дека Албанија играла и ќе продолжи игра една мошне позитивна улога, фокусирајќи се на соработката и добрососедството.
„На Западен Балкан, политиката за проширување на ЕУ се враќа во ДНК-то на евроинтеграцискиот проект, којшто е помирување и мир. Затоа, добрососедските односи и соработката во регионот се еден суштински елемент на причината зошто сме обединети во една унија, за која особено верувам дека е важна за овој регион. Вие покажувате решителност и добра волја за подобрување на односите со другите партнери во регионот. Албанија е една земја која е 100 отсто на иста линија со нас, кога станува збор за надворешната политика и безбедноста во ЕУ“, додаде Могерини.
Могерини рече дека ЕУ ја поддржала Албанија за длабоки промени во текот на изминатите години, и дека ќе продолжат да одат по овој пат заедно, со иста решителност и оптимизам.

- Рама: „Албанија го доби она што го заслужува во оваа фаза на развој и модернизација“ -
Премиерот Рама нагласи дека регионот и Албанија направиле многу важни чекори напред.
„Ние сите имаме потреба за добар и вистински пријател во Европа, за лица и фактори отворени кон нас, кои ќе ја признаат нашата историја, ќе ги разберат тешкотиите и нашата важност за недовршениот проект на обединета Европа. Да нѐ поддржат, и силно да аргументираат за нас, таму каде што ние сме отсутни, во текот на ова неповолно време за духот на проширувањето внатре, во рамките на ЕУ“, додаде Рама.
Рама нагласи дека Албанија го доби она што го заслужува во оваа фаза на нејзиниот развој и модернизација.
„Со добивањето на препораката, Албанија доби еден нов статус. Со добивањето на препораката, на Албанија ѝ е даден еден нов општествен статус меѓу земјите од европското семејство“, рече Рама.
Според него, потребно е веднаш да се започне со активностите за што побрзо чекорење кон добивање на дипломата за членство.
„Не го гледаат сите со ентузијазам ова достигнување на Албанија. Во светот се знае дека кај некои земји-членки постојат индивидуалци, постојат сили коишто ниту го сакаат проширувањето, ниту го посакуваат напредокот на регионот на патот кон членството“, нагласи Рама околу политичкиот аспект.
Могерини, во рамките на нејзината посета на Албанија, се сретна и со претседателот на оваа земја, Илир Мета, како и со претставниците на опозицијата.