Gözde Bayar
16 Март 2020•Ажурирај: 17 Март 2020
АНКАРА (АА) - Балансираната исхрана, редовното вежбање и доволното спиење се важни начини за борба против епидемијата на коронавирусот, вели медицински експерт, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Многу е важно да се консумира доволно количество протеини, особено оние со висока биолошка вредност, како што се млеко, млечни производи и јајца, за да се зајакне имунитетот“, изјави за АА д-р Невин Санлиер, експерт за исхрана и диететика.
Д-р Санлиер, која е декан на Факултетот за здравствени науки на Универзитетот „Медипол“ во Анкара, ги советува луѓето да практикуваат балансирана исхрана со консумирање соодветно количество млечни производи како што се млеко, јогурт, сирење, месo, риба и пилешко, јајца, зеленчук, овошје, леб и житарки.
Таа нагласи дека едностраните диети или недоволниот внес на хранливи продукти може да го зголеми степенот на подложност на инфекции кај едно лице.
„Консумирањето на пробиотична храна стана многу важно во зајакнувањето на имунолошкиот систем во средина на сезоната и во зимскиот период, кога телото е помалку отпорно. Ферментирани млечни производи како што се кефир и јогурт се важни извори на пробиотици“, додаде таа.
Препорачувајќи да се пие дневно 2,5 литри вода, со цел да се спречи дехидратација, таа исто така советуваше да не се јаде мрсна храна.
„Важно е да продолжите со физичките активности и да го одморите вашето тело со седум до осум часа спиење“, додаде таа.
Потврдувајќи ја важноста на хигиената на рацете, таа предупреди да не се јадат овошје и зеленчук без да се измијат во вода.
Коронавирусот првпат се појави во градот Вухан, Кина, но потоа се прошири во најмалку 146 земји и територии.
Според Светската здравствена организација (СЗО), бројот на смртни случаи во светски рамки е речиси 6.500, а има над 164.000 потврдени случаи.