Adem Koç
01 Април 2017•Ажурирај: 02 Април 2017
ИСТАНБУЛ (АА) – Медицинскиот експерт по онкологија, проф. д-р Емин Ѓокан Кандемир, по повод Неделата на борба против ракот, за АА изјави дека според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), годишно има 14.100.000 случаи на заболени од рак, а околу 8.200.000 умираат од оваа болест, јавува Anadolu Agency (AA).
Кандемир истакна дека треба да се стои настрана од причините што предизвикуваат рак, потенцирајќи дека најголемиот фактор за заболување од рак е пушењето цигари.
„Треба да стоиме настрана од тутунот и тутунските производи. Како втор фактор, можеме да го сметаме алкохолот. И алкохолот игра голема улога во развивањето на неколку видови рак. Исто така, радијацијата е многу важен фактор. Сончевите зраци отвораат пат за рак на кожата, а подолгата изложеност во солариум го зголемува ризикот од рак. Околу една петина од заболувањата од рак се развиваат како резултат на инфекции. Ако погледнеме кои се овие инфекции, посебно можеме да го издвоиме Хепатитот Б. Хепатитот се развива како резултат на ХБВ вирусот, а подоцна настапува рак на црниот дроб. Исто така, во поодминатите години, кај заболените од Хепатит Ц се развива рак на црниот дроб. Додека пак кај жените, причина за рак на грлото на матката е ХПВ вирусот. Доколку се штитиме од овие вируси, значи дека сме заштитени и од ракот“.
- „Од исклучителна важност е исхраната“ -
Проф. д-р Кандемир истакна дека за заштита од ракот, многу е важно да се задржи здрава килажа на телото, преку здрава исхрана и вежбање.
Тој потенцира дека треба да се внимава на исхраната, истакнувајќи дека таа треба да се базира особено на зеленчук и овошје.
„Прекумерното внесување на месо во организмот, како и преработена храна, претставува еден од ризиците за развивање рак. Многу е важно да се внесува безбедна храна. Се соочуваме со повеќе проблеми во фазата од производството на храната сè до нејзиното конзумирање. Доколку внесуваме безбедна храна, и истата ја користиме разумно, тогаш во значителна мера, односно 30 или 40 отсто можеме да се заштитиме од ракот“, вели Кандемир.
Тој додаде дека благодарение на раното откривање на ракот, зголемена е стапката на успешно лекување на оваа болест.