Ayşe Sarıoğlu
01 Август 2016•Ажурирај: 02 Август 2016
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција Мевлут Чавушоглу, изјави дека очекуваат јасен датум за либерализација на визниот режим, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во рамките на договорот за реадмисија што го потпишавме со Европската Унија, очекуваме конкретен датум за либерализација на визниот режим. Тоа може да биде на почетокот или на средината на месецот октомври. Сепак, ние очекуваме конкретен датум", јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Чавушоглу даде интервју за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (FAZ).
Турскиот министер бил запрашан за неговата проценка околу падот на бројот на илегални преминувања кон грчките острови. Чавушоглу, истакнувајќи дека пред сѐ, за падот на оваа бројка е заслужен договорот од 18 март меѓу ЕУ и Турција, додаде: „И трговците со луѓе, и оние што им плаќаа, со други зборови, нивните жртви го видоа следното: и да стигнат до островите, повторно ќе бидат вратени назад. Покрај тоа, Турција презеде сериозни мерки во борбата против трговците со луѓе. Можноста за директно сместување во ЕУ на сите оние бегалци кои нема да се обидат по илегален пат да влезат во Европската Унија беше дополнителен мотив за намалување на оваа бројка. Мисијата на НАТО во Егејското Море до одреден степен создаде одредено психолошко влијание, но не беше одлучувачки фактор“.
- „Ова не е закана“ -
На турскиот министер Чавушоглу му беше поставено прашањето: „Некои кругови од Европа се загрижени околу олабавувањето на безбедноста на границите, доколку Турција до месец октомври не добие либерализација на визниот режим“.
„Во 2013 година го потпишавме договорот за реадмисија поврзан со договорот за либерализација на визниот режим. Покрај тоа, во месец март ЕУ и Турција потпишаа договор според кој за секој Сириец што ќе биде вратен во Турција, еден друг Сириец ќе биде сместен во една од земјите на ЕУ. Оваа формула функционира. Но сите овие нешта се врзани со либерализацијата на визниот режим. Оваа точка е дел од историскиот договор потпишан на 18 март. Ова не е никаква закана. Доколку визната либерализација не биде спроведена, тогаш и ние ќе бидеме приморани договорот за реадмисија и потпишаниот договор од 18 март да ги ставиме настрана“, рече Чавушоглу.
- „Очекуваме конкретен датум за либерализација на визниот режим“ -
На тврдењата на грчките власти дека „во моментов Турција е несигурна земја и нема да ѝ ги враќа барателите на азил", Чавушоглу одговори: „Тоа не е вистина. Позната е бројката на лица што Грција ги врати во Турција. Досега во Турција се вратени 468 лица“.
Чавушоглу потсети дека по потпишувањето на договорот, бројот на лица кои пристигнале на островите е мал, и додаде дека Грција и Турција имаат билатерален договор за реадмисија и во рамките на тој договор, оваа година примени се повеќе од илјада лица.
Турскиот министер за надворешни работи Чавушоглу, истакнувајќи дека Грција била задоволна од меѓусебната соработка, рече: „Одлуката на грчките судови дали некого ќе испорачаат или нема, е посебна тема. Очекуваме да добиеме конкретен датум околу договорот за либерализација на визниот режим кој е во рамките на Договорот за реадмисија што го потпишавме со ЕУ. Тоа може да биде на почетокот или на средината на месец октомври. Сепак, ние очекуваме конкретен датум“.