Ekipa
16 Мај 2017•Ажурирај: 17 Мај 2017
АНКАРА (АА) - Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, порача дека турскиот народ од администрацијата на САД очекува да преземе законски мерки против Фетула Ѓулен, кој претставува закана за безбедноста и за демократијата на Република Турција, пренесува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу во американското списание „Foreign Policy“ (Форин полиси) напиша колумна под наслов „САД треба да го испорачаат Ѓулен”.
Тој потсети дека во обидот за државен удар во Турција, на 15. јули 2016 година, животот го загубија 249 лица, а ранети се повеќе од 2.000, и нагласи дека во Турција, во последните 10 месеци се вложуваат големи напори во истрагата за одговорните за овој напад, чија цел беа демократијата, националната безбедност и народот на Турција.
Министерот за надворешни работи, Чавушоглу, во статијата додава дека по обидот за државен удар, турските обвинители започнале сеопфатна истрага, и за кусо време ги откриле трагите на подмолната и опасна терористичка организација ФЕТО, во последните 40 години финансирана од Фетула Ѓулен, кој има своја структура во Турција, САД и во други земји од светот.
Чавушоглу истакна дека лидерот на оваа организација, Фетула Ѓулен, денес живее во местото Сејлорсберг, во американската сојузна држава Пенсилванија.
Тој посочи дека со оглед на тоа што Ѓулен престојува во САД заедно со луѓето од својата мрежа, одговорноста за прибирање на доказите против подлите активности на организацијата ФЕТО им припаѓа на САД и на нивните институции. Според неговите зборови, Ѓулен со својата мрежа продолжува да раководи со образовните институции и сомнителните бизнис активности во САД.
„Симпатизерите на Ѓулен кои ја напуштија Турција работат во тие училишта. Покрај тоа, нив ги повикуваат во Конгресот на САД и тие им даваат информации на американските политичари за Турција и за турско-американските односи. Сето тоа се случува бидејќи на Фетула Ѓулен му е дозволено и понатаму да биде слободен”, напиша Чавушоглу во својата статија.
Шефот на турската дипломатија нагласи дека основа за испорака на Ѓулен постои уште од 1979 година, кога Турција и САД потпишале Договор за екстрадиција на криминалци.
Во својата статија, Чавушоглу вели дека Турција веднаш по обидот за државен удар на 15. јули, но и претходно, поднела барање за привремено приведување на Фетула Ѓулен, но тоа барање и понатаму е во процес на разгледување.
„Администрацијата на САД сѐ уште го разгледува нашето барање, но времето минува. Турскиот народ очекува од нашиот сојузник да преземе законски мерки против опасноста што претставува закана за нашата безбедност и демократија”, напиша министерот Чавушоглу во својата статија за „Foreign Policy“.